Француската влада ќе им забрани на инфлуенсерите да рекламираат естетска хирургија и коцкање

Фото: Pexels/Mizuno K

Француската влада ги започна дискусиите околу Предлог-законот со кој ќе се воведат строги регулативи во врска со работата на инфлуенсерите, со што ќе им се забрани да промовираат естетска хирургија на нивните платформи и ќе мора задолжително да ги обележуваат оние фотографии кои ги уредиле во графички програми пред да ги објават на социјалните медиуми, пишува „Дејзд“.

Францускиот министер за финансии, Бруно ле Мер изјави дека мерките ќе помогнат „да се ограничат деструктивните психолошки ефекти од овие практики врз самодовербата на корисниците на социјалните медиуми“ и дека француската влада нема да има толеренција кон никого доколку правилата не се почитуваат.

Фото: Pexels/Anna Nekrashevich

Според Предлог-законот, прекршувањето ќе резултира со затворска казна до две години и парични казни од 30.000 евра. Дополнително, на инфлуенсерите кои ќе ги прекршат правилата нема да им биде дозволено да користат социјални медиуми или да ја продолжат својата кариера.

Исто така, на инфлуенсерите ќе им биде забрането да рекламираат криптовалути и какви било игри за пари, односно коцкање на своите профили. Предлог-законот ќе ги опфати сите француски инфлуенсери, без разлика дали живеат во Франција или во странство, а заработуваат од промовирање производи и услуги кои се продаваат во Франција.

„Инфлуенсерите мора да подлежат на истите правила кои важат за традиционалните медиуми“, изјави Ле Мер, додавајќи дека „интернетот не е див Запад“.

Фото: Pexels/George Milton

Во 2017 година, во обид да придонесе во борбата против пореметувањата во исхраната, француската влада донесе закон со кој стана задолжително да биде испишано „photographie retouchée“ (ретуширана фотографија) на сите фотографии кои биле уредени пред да бидат објавени како рекламен материјал.

Повеќе од јасно е дека постојаното гледање и консумирање нереални дигитални содржини претставува ризик за менталното здравје на луѓето и дека треба да се направи нешто околу уредените фотографии и видеоснимки на платформите како Инстаграм и ТикТок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот