ФОТО+ВИДЕО | Спектакуларно полувреме на Супербоул: Бед Бани ја претвори сцената во љубовно писмо за Порторико
Настапот на Бед Бани на полувремето од годинашниот Супербоул беше едно големо љубовно писмо посветено на неговото родно Порторико. Четиринаесетминутниот сет вклучи гостински настапи на Лејди Гага и Рики Мартин, како и појавувања на Педро Паскал, Карди Би, Карол Џи и Џесика Алба, кои можеа да се видат како танцуваат на тремот од неговата прочуена „casita“ (во превод: мала куќичка), препознатлив елемент од неговите настапи, осмислен да наликува на традиционален порторикански дом, пренесе Би-би-си.
Препорачано
Се очекуваше дека Бад Бани, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинес Окасио, ќе го искористи настапот за политичка порака против актуелната американска администрација, но наместо тоа, тој промовираше порака на американско единство. Движејќи се низ латински пејзаж, со сценографија што опфаќаше сè, од салон за нокти до бар , добитникот на Греми изведе микс од своите најголеми хитови, меѓу кои „Tití Me Preguntó“, „MONACO“ и „BAILE INoLVIDABLE“.
Лејди Гага изведе латино верзија на нејзиниот хит „Die With A Smile“, порториканската поп-ѕвезда Рики Мартин ја испеа „Lo Que Le Pasó A Hawaii“, песна што ги предупредува Порториканците да не дозволат нивната култура да биде избришана. Бед Бани, кој според стриминг-сервисот Спотифај беше најслушаниот изведувач во светот во 2025 година, влезе во историјата како првиот музичар што изведе целосен настап на Супербоул на шпански јазик.

Сепак, тој одлучи да изговори една реченица на англиски – „God bless America“ (во превод: „Господ да ја благослови Америка“), пред да ги наброи земјите од Централна, Јужна и Северна Америка, додека танчарите ги носеа нивните знамиња. На билборд стоеше пораката „The only thing more powerful than hate is love“ (во превод: „Единствената помоќна работа од омразата е љубовта“), а на крајот од сегментот тој држеше фудбалска топка со натпис на англиски: „Together, we are America“ (во превод: „Заедно, сите сме Америка“).
Потоа, американскиот претседател Доналд Трамп, кој не присуствуваше на годинашниот Супербоул, го нарече настапот на Бед Бани „апсолутно ужасен, еден од најлошите на сите времиња!“ на неговата социјална мрежа Трут соушал. Тој додаде дека тоа било „навреда за величината на Америка“.
Настапот на Бeд Бани на стадионот „Ливајс“ во Санта Клара, Калифорнија, го означи неговото прво појавување во САД по објавувањето на ланскиот албум „Debí Tirar Más Fotos“, кој освои Греми. Порторико, самоуправна територија на САД, беше во срцето на целата изведба – од неговото појавување од поле со шеќерна трска, до сцената што ги претставуваше звуците и сликите на местото што го нарекува дом.

Семејството исто така имаше значајна улога – од млад пар што се венчаваше меѓу толпа латински танчери, до симболичниот момент кога Бед Бани му ја подаде својата Греми награда на мало дете, додека на мал телевизор се прикажуваше неговиот говор за приемот на наградата во 2026 година.
Искачувајќи се на електричен столб, симбол на инфраструктурата уништена за време на разорната бура, и рапувајќи во исто време, тој им оддаде почит на луѓето кои загинаа во ураганот Марија во 2017 година. Дополнителна порака испрати и преку облеката, носејќи беж џемпер со бројот 64, што може да ја симболизира официјалната бројка на загинати, значително пониска од проценетите илјадници жртви.
Во тоа време, администрацијата на претседателот Трамп беше критикувана од Порториканците, кои тврдеа дека не обезбедила иста федерална поддршка како по ураганите што го погодиле американското копно.

Немаше директни критики кон претседателот Трамп, што за некои беше изненадување по неговите два говори при приемот на наградите Греми минатата недела, кога јавно се изјасни против агентите на ИЦЕ (Имиграциска и царинска служба). Нивните постапки предизвикаа протести во повеќе американски градови, последно во Минеаполис, каде што федерални агенти застрелаа и убија двајца Американци, што доведе до преиспитување на тактиките на администрацијата. Трамп во јануари изјави дека неговата администрација ќе „преиспита сè“ по фаталните пукања на Алекс Прети и Рене Гуд.
Во својот говор при доделувањето на наградата Греми, Бед Бани проговори и на оваа тема.
„Омразата станува посилна со повеќе омраза. Единственото нешто што е помоќно од омразата е љубовта, затоа, ве молам, мора да бидеме поинакви. Ако се бориме, мора да се бориме со љубов“, изјави тогаш музичарот.

Минатата година тој одлучи да не ја донесе светската турнеја во континенталниот дел на САД, изјавувајќи за списанието „Ај-ди“ дека се плашел оти неговите фанови би можеле да бидат цел на агентите на ИЦЕ. Тој додаде дека имало „многу причини“ зошто овојпат не би настапувал во САД и дека „ниедна од нив не е од омраза“.
@nfl ❤️👏 #AppleMusicHalftime #badbunny #superbowl #nfl @Bad Bunny ♬ original sound – NFL


