ФОТО+ВИДЕО | „Слободен печат“ и Ред Бул Македонија во Лајпциг: „Биковите“ ги совладаа Франкфурт за трето место на табелата
Тимот на Ред Бул Лајпциг синоќа триумфираше над екипата на Ајнтрахт Франкфурт во рамки на 17. коло во Бундеслигата, со што го заземаа третото место во германското првенство. Екипата на „Слободен печат“ заедно со Ред Бул Македонија го проследи натпреварот директно од ултра модерното здание „Ред Бул Арена“.
Препорачано
Сонцето нѐ разбуди во Лајпциг, несвојствено за Германија, а уште помалку за овој период од годината. Но, во текот на денот, иако се бореше да се задржи што повеќе, ја загуби битката со облаците, како предвесник на она што се случуваше вечерта на натпреварот меѓу Ред Бул Лајпциг и Франкфурт.

Германците се познати љубители на фудбалот, но начинот на кој се подготвуваат за еден натпревар е неопислив. Атмосферата се загреваше уште на преубавите божиќни панаѓури во градот.Љубителите на фудбалската игра со греено вино ги „опуштаа“ гласните жици за натпреварот.
Како што одминуваше времето и почетокот на натпреварот беше поблиску, така и божиќните панаѓури се празнеа и луѓето се упатуваа кон преубавата Ред Бул арена.

На три часа пред натпреварот, фан-шопот на клубот пред стадионот беше преполн со навивачи, кои се „разграбуваа“ по сè што е со логото на клубот: маички,тренерки,шалови, капчиња, но најмногу од сè – дресови. Вработените во фан-шопот имаа полни раце работа, а поголемиот број на љубители на фудбалската игра кои купуваа дресови се одлучија истите да бидат испринтани со број 7 и името на новата ѕвезда на тимот и големата надеж на норвешкиот фудбал, 19-годишниот Антонио Нуса.
Се имаше чувство како сите да живеат за денот кога игра Лајпциг за да го бодрат својот тим.
На 150 минути пред почетокот на натпреварот, навивачите го заземаа местото пред уште не отворените влезови. И покрај големиот број на навивачи, огромниот број на обезбедување и редари се погрижија патот кон стадионот да биде безбеден за сите.

Присутните на стадионот со вурстеви, помфрит и пиво во рака го очекуваа почетокот на натпреварот.
Судијата означи старт на натпреварот. Фудбалерите на Франкфурт го изведоа почетниот удар. По 50 секунди игра фудбалерот на Лајпциг Шешко се најде во ситуација еден на еден со голманот на Франкфурт Трап.
Деветнаестминутната иницијатива на фудбалерите на Ред Бул Лајпциг вроди со плод. Од левата страна Нуса со снајперски точно додавање го пронајде Баумгартнер, кој очи во очи со голманот како да беше маѓепсан и не го пронајде патот до мрежата на голманот на Франкфурт, но сепак на вистинското место се најде словенечкиот голгетер Бењамин Шешко кој го натскока голманот и со удар со глава го промени резултатот на семафорот. Земјотрес на трибините. Од радост, бесплатно се делеа прегратки, а навивачката песна беше сè погласна. Лајпциг води.

Иако сите присутни ја чекаа паузата на полувремето за да ги надополнат празните чаши со пиво, Ајнтрахт Франкфурт го израмни резултатот. Во 40. минута тинејџерот Узун со пета му ја додаде на Браун кој од левата страна со надворешно ефе ја затресе мрежата на Вандерворт. Иако резултатот беше израмнет, сепак немаше големо разочарување на трибините. Желбата за пиво и германските традиционални переци беше поголема од резултатот во моментот.
На полувремето на штандовите со храна и пијалаци во подтрибинскиот простор се чекаше во редици, а пак оние кои имаа влезница за лаунџ баровите беа послужени со традиционален германски вурст и грч ладно пиво. Многу бевме изненадени што сите присутни беа пречекани со насмевки од сите вработени.
Почетокот на второто полувреме започна пред помалку навивачи на трибините. Голем дел беа уште во баровите,завршувајќи со својата пијачка. Во 51. минута, еден од подобрите играчи во тимот, Луис Опенда по една мешаница во казнениот простор постигна гол за враќање на водството на „Биковите“.
До крајот на натпреварот, избраниците на тренерот Росе одолеваа на нападите на Франкфурт и го привршија натпреварот.
Навивачите на Лајпциг уживаа во фудбалот кој им го приредија нивните фудбалери, па по завршувањето на натпреварот останаа да пеат и да ги бодрат играчите.
Лајпциг со овие три бода се израмни со Ајнтрахт Франкфурт на табелата и го делат третото место во германското првенство.


