ФОТО+ВИДЕО | Шон Пен му го подари својот Оскар на Володимир Зеленски
За време на својата трета посета на Киев, американскиот актер Шон Пен му ја даде својата Оскар статуетка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Препорачано
Како благодарност за неговиот политички активизам, Зеленски му врачи „Орден за заслуги за зајакнување на односите, поддршка на територијалниот интегритет на Украина и помагање за популаризација на земјата“.
„Американскиот актер и режисер Шон Пен дојде во Украина по третпат откако започна војната. Овој пат нашата средба беше посебна. Шон ја донесе својата Оскар статуетка како симбол на вербата во победата на нашата земја. Статуетката ќе биде во Украина до крајот на војната. Со големо задоволство му врачив „Орден за заслуги од III степен“. Ви благодариме за искрената поддршка“, напиша Зеленски.
На снимката, која е објавена на официјалните профили на Зеленски, американскиот актер и украинскиот претседател ја гледаат плочката со потписот на Пен, на која е испишан и датумот 24 февруари 2022, денот кога започна руската инвазија. Таа е поставена во Алејата на храброста, која Зеленски ја отвори во Киев, во чест на пријателите на Украина.
„Шон Пен ја посети Украина на првиот ден од руската инвазија за да ги документира настаните во нашата земја и за да ја раскаже вистината за руската агресија. Таквата поддршка за Украина и нејзиниот народ е исклучително вредна“, напиша Зеленски во една од објавите.


