ФОТО+ВИДЕО | Само љубовта може да го спаси светот, порача Готје од „Паласт Берлин“
Еуфорично го поздрави крајот на гламурозното шоу „Фолинг ин лав“ (Falling in love) речиси двеилјадната публика во „Паласт Берлин“, театарот со најголема сцена на светот. Пред вклучените камери на мобилните телефони на публиката, продефилираа околу 70 танчари по модерен балет, во придружба на шест вокали, дузина гимнастичари, акробати, оркестар од десетина музичари. Тие на грандиозен начин ја пренесоа пораката на режисерот, славниот Жан Пол Готје дека само љубовта може да го спаси светот.
На Готје му требаа 3.000 часа работа да ги осмисли 280-те костими, вклопени во „Сваровски“ амбиент и во рамките на сцената која во двата часа колку што траеше шоуто се трансформираше во фонтана со водоскоци или базен во кој газеа дел од актерите, а потоа во полигон со трамбулини и вратила, вртејќи се во круг или потонувајќи кон дното додека од сводот врнеше дожд или паѓаа есенски лисја. Околу 100 милиони кристали беа неопходни за да се осмисли сценариото по вкусот на Французинот, од кој најмногу блесна најголемиот досега изработен од „Сваровски“, тежок 180 кг.
Костимите главно беа во нијанси на сина, зелена и црвена боја, светкави и футуристички. Шетајќи како со временска машина од времето на диносаурусите до некоја идна аватар ера, режисерот постојано преку сонговите го пренесуваше лајтмотивот – љубовта и емпатијата.
Судејќи според реакциите на публиката, но и медиумите кои веќе излегоа со првите критики – мошне успешно.