ФОТО+ВИДЕО | Пензионер со витилиго плете кукли за деца со истата состојба на кожата
Бразилецот Жоао Станганели Жуниор е човек кој плете кукли со витилиго, за деца кои, исто така, ја имаат оваа кожна болест.
Препорачано
Имено, овој 68-годишник, кој и самиот боледува од витилиго, почнал да плете вакви кукли со цел децата кои го имаат ова автоимуно нарушување да се чувствуваат подобро.
Инаку, витилигото е состојба на депигментација на кожата, која настанува бидејќи меланоцитите престануваат да создаваат меланин, материја што ѝ дава бојата на кожата. Имено, околу 1 отсто од светската популација се соочува со оваа болест.
„Се чувствувам благословен за можноста да им донесам одредено охрабрување на луѓето. Реакциите на луѓето се секогаш позитивни. Среќен сум. Децата ги сакаат куклите и се чувствуваат претставено“, изјавил тој за медиумите.

Во 2018 година, поради здравствени проблеми, тој морал да ја напушти работата во прехранбената индустрија. Бидејќи имал поголемо слободно време, тој му се посветил на ова креативно хоби.
Со текот на времето, неговото плетење прераснало во посебен проект. Покрај кукли со витилиго, тој почнал да прави и кукли со други недостатоци – кукли кои седат во инвалидски колички, кукли со алопеција и кукли со слушни помагала.


