ФОТО+ВИДЕО | На промоцијата на двата нови албума Влатко Стефановски запеа со гитарата
Промоцијата заврши мошне необично – Стефановски зема акустична гитара и ја отсвири „Чукни во дрво“, бидејќи, нели, „надвор е пролет, живи сме“. Потегот беше прифатен со воодушевување од присутните на промоцијата на албумите „Гитарата пее“ и „Мускулна меморија“
Еднo од најголемите македонски музички имиња, Влатко Стефановски, нè „почести“ со своите два најнови албума – „Guitar Sings“ и „Muscle Memory“, изданија на „Кроација рекордс“ (поранешен Југотон), чиј ексклузивец е македонскиот мајстор на гитарата.
Препорачано
Промоцијата помина во интимна и музички исполнета атмосфера, а Стефановски зборуваше за процесот на создавање на новите материјали, инспирацијата и луѓето со кои соработувал на албумите. Двата албума кон средината на месецов ќе бидат објавени и како плочи.

Неодамна легендарниот гитарист ја доби и престижната награда „Порин“, признание за неговиот огромен придонес во музиката и влијанието што со децении го има на регионалната сцена.
На настанот присуствуваа и претставничките на „Кроација рекордс“ од Загреб – уредничката Клаудија Чулар и извршната директорка Маја Видмар – Клариќ.

Новиот студиски албум „Muscle Memory“ носи девет нови композиции, во кои се преплетуваат прогресивен рок, фјужн и препознатливиот звук на Стефановски – виртуозен, емотивен и автентичен.
Двете гостинки од Хрватска се пофалија и со винилното реиздание на славниот албум „Путујемо“ од 1989 година.

Стефановски им се заблагодари на своите долгогодишни соработници и музичари што учествуваа на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и членовите на неговото трио – Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара.

Промоцијата заврши мошне необично. Стефановски зеде акустична гитара и ја отсвири „Чукни во дрво“, бидејќи, нели, „надвор е пролет, живи сме“.
Потегот беше прифатен со воодушевување на присутните на вчерашната промоција на дискографските изданија во хотелот „Холидеј ин“. Долгите аплаузи беа наградата за безвременска музика на Влатко Стефановски. Албумот „Muscle Memory“ содржи девет нумери – пет вокални и четири инструментални.

Покрај неверојатните гитарски сола на Влатко Стефановски и неговото карактеристично чувство за мелодија, песните како „Модерни времиња“, насловната „Мускулна меморија“, „Ми недостасуваш“, „Срце скршено“ и други звучат продукциски и изведбено на светско ниво.
Албумот е уште еден доказ за она кон што Влатко Стефановски се стреми во текот на целиот свој уметнички пат: постојано истражување, поместување на сопствените граници и создавање уникатен музички израз – велат од „Кроација рекордс“ за албумот.

Овој албум излегува веднаш по неговиот инструментален албум „Guitar Sings“, на кој гитарскиот виртуоз на посебен начин ги изведе најголемите хитови на Ѓорѓе Новковиќ во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар, што беше снимен во славното лондонско студио „Еби роуд“.
Авторот на двата албума го најави и „Као какао“, новиот македонски автентичен мјузикл во режија на Дејан Пројковски, заснован на музиката на Влатко Стефановски и текст на Венко Андоновски. Премиерните изведби за овој сценски спектакл се закажани за 2 и 3 јуни годинава, во Македонскиот народен театар (МНТ).


