ФОТО+ВИДЕO | Калина, финалистка на Евровизија: Не верувам во натпревар со останатите – битките ги водам со самата себе!

Калина/Евровизија/Приватна архива
Калина/Евровизија/Приватна архива

Финалето на Националниот избор за песна на Евровизија се случува утре. Ние денеска ја имавме радоста и можноста да поразговараме со уште една финалистка пред официјалното избирање на претставникот.

Се работи за Калина Велковска или Kaly, изведувачка која е повеќе од деценија на музичката сцена, јавноста ја знае како дел од многу бендови, кабаре настапи, евровизиски тимови и соработки. Енергична и со автентичен стил, Калина оваа година е дел од шестмината избрани за домашниот избор на песна за Евровизија, со песната која носи моќна порака и се вика „Love and Light“. Со специфичност во изразот, песната е има светски звук и  носи интензивна енергија. Токму како љубовта и светлината.

Утре во 21:15 сите учесници ќе бидат дел од емисијата Стисни Плеј и ќе се објави официјалниот претставувач, меѓу кои е и Калина. Во пресрет на утрешното финале, ја прашавме неколку прашања, на кои таа со задоволство ни одговори.

Како се случи Калина да се одлучи да влезе во евровизискиот „ринг“?

Кога станува збор за некаков „ринг“ или натпревар, ќе речам – Не верувам во натпревар со останатите – битките ги водам со самата себе! И оние што ме знаат, го знаат тоа. Според мене музиката не може да биде компетитивна затоа што е пресубјективна. Овде не се работи за стандардни рамки дали е нешто подобро или полошо… Музиката се твори од многу лична перспектива и слушателот или гледачот ја прима онака како што во моментот се чувствува.
Во мојот случај, сè се случи спонтано. Ми се јави Весна Малинова (текстописец) која ми рече дека има интересна композиција и да одиме кај Давор Јордановски (авторот на музиката) да ја слушнам за да ми ја интерпретираат во живо. Идејата и замислата беше дека може да се искористи токму во насока за песна на Евровизија.
Едноставно се работеше за песна со специфичен, различен карактер и мене ми беше дадена целосна слобода да ја „дооформам“ со соработници и аранжман по моја желба и да ја добиеме „Love and Light“ што ја слушнавте сите.

Песната е љубов и светлина – што посакуваш да пренесе и донесе пред аудиториумот?

Да се надеваме дека може да донесе љубов и светлина, да се пренесе и разбере пораката. Доколку им се допадне на луѓето и начинот на кој овие ноти „им го милуваат увото“, значи сме постигнале нешто!
Во време на хиперконзумеризам, преголема динамика, изместен систем на вредности, многу е важно да се потсетиме дека постои нешто што е од фундаментално значење – а тоа е безусловната љубовта.
Сите ние имаме светлина во себе, и не би било лошо доколку можеме барем малку да дадеме од тоа секој ден. На останатите околу нас. Многу малку е потребно за да се постигне многу – само доколку се сака Треба малку да стивне суетата, да се смират страстите, да се има повеќе трпение. Животот е комплексен и сите ние имаме од што да се пожалиме. Но, не смееме да заборавиме на најубавото нешто – живи сме, дишеме, треба и да се сакаме.
Животот е љубов.

Калина Велковска/Приватна архива
Калина Велковска/Фото: Мите Доневски

Ако те изберат во петок, имаш замисла за сценскиот настап и како ќе ја пренесеш својата целосна приказна?

Она кое што можам да го додадам во однос на претходниот одговор е дека за да бидеме среќни и да имаме љубов и светлина е потребно труд и верба. Што значи дека сите мора да се бориме за подобро утро.
Токму овој симбол на „борба“ е главниот елемент кој би се искористил во сценскиот настап и кореографијата на оваа песна. Се надевам дека би имале можност да го реализираме во целост, затоа што сепак се работи за специфична содржина. Би сакала да ја дополниме естетиката, да биде пораката појасна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kalina Velkovska (@kalynainsta)

Не знаеме што ќе се случи, би била пресреќна доколку навистина имам реална поддршка од публиката и успееме да се пласираме како претставници. И јас и екипата сме биле и ќе бидеме присутни во и вон Евровизија, и ќе продолжиме да правиме музика што ќе сее љубов и светлина!

Разговор со Андреа во пресрет на Евровизија: Кога веруваш во себе и својата песна, тоа е доволно!

Разговор со Јон Ајдини или Yon Idy: Ќе успее ли да ја испее „Dreams“ на Евровизија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот