Дива депонија покрај Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ - Филип Николов

ФОТО+ВИДЕО | Дива депонија цела година ја труе Серава

Доколку пред една година депонијата беше огромна, полна со ѓубре и го уништуваше зеленилото, денес таа ја исполни својата „цел“ – количината ѓубре е зголемена за неколкупати и отпадот е распространет на многу поголема површина, со што тогашното зеленило сега е претворено во кал.

Дивата депонија покрај реката Серава, сместена веднаш покрај булеварот „Александар Урдаревски“ во непосредна близина на гробиштата „Бутел“, речиси една година e недопрена од „комуналната рака“ на Општина, со што огромната зелена површина е натрупана со секаков тип отпад, кој освен грда глетка за минувачите, предизвикува сериозни штети на почвата и на речното корито.

Цела година нема реакција од Општината

„Слободен печат“ пред речиси една година информираше за оваа дива депонија и побара одговори од Општина Бутел зошто дозволиле на просторот покрај реката да се создаде планина од ѓубре и зошто воопшто не е исчистено, но оттаму не добивме никаква повратна информација за тоа дали се планира темелно чистење на оваа локација.

ФОТО | Купишта ѓубре во коритото на Серава, покрај неа „никнала“ и дива депонија

Тогаш, коритото на реката и просторот околу него беа преполни со пластични ќеси со ѓубре, пластични канти, ќерамиди, штици, стаклени шишиња и друго ѓубре, а колку надлежните не се грижеле за овој простор покажуваат и израснатите дрвја околу реката, чиј корен доаѓа директно од речното корито. Исто така, тогаш можеше да се забележат патки кои „живеат“ и опстојуваат во речното корито, опкружени со автомобилски гуми, пластични шишиња и кабаст отпад.

Реката Серава како една од постарите реки во скопската околина е исклучително значајна поради тоа што директно од северната страна се припојува во течението на реката Вардар.

Дива депонија покрај Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Нејзиниот тек започнува во подножјето на планината Скопска Црна Гора и минува низ селата Радишани и Бутел и се влева во Вардар, на неколку места речиси е целосно запрена. За жал, некаде на половина пат од почетокот, па сѐ до влевањето во реката Вардар, под мостот на улицата „Александар Урдаревски“, дивата депонија и отпадот од неа го прават течението на водата вистински предизвик.

На оваа локација сè уште е евидентно дека водостојот е намален и се гледа дното на коритото, кое е исполнето со секаков тип отпад што го блокира текот на реката.

ГАЛЕРИЈА | Огромно ѓубриште во Бутел

Лани беше лошо, денес е ужасно

Доколку пред една година депонијата беше огромна, полна со ѓубре и го уништуваше зеленилото, денес таа ја исполни својата „цел“ – количината ѓубре е зголемена неколкупати и отпадот е распространет на многу поголема површина, со што тогашното зеленило сега е претворено во кал.

Денес на оваа локација може да се забележи дека поради врнежливиот период, водата е целосно заматена поради што ѓубрестото корито е „затскриено“, но неколкуте „планини“ од ѓубре околу реката беа јасно видливи за окото на минувачите.
Овие ѓубришта беа полни со стар мебел, пластични лајсни, автомобилски гуми, бела техника, односно на оваа локација буквално може да се пронајде сè и сешто.

Коритото на реката Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Иако градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, пред девет месеци најави дека по барање на локалната самоуправа, Градот започнал со темелно чистење и уредување на коритото на реката „Серава“, сепак денеска може да се забележи дека дел од коритото сѐ уште е оставено во ужасна состојба, во реката и на ѕидовите од коритото има израснато секакви треви и растенија, а поради огромната дива депонија што повеќе од една година си „тлее“, ѓубрето се пролизгува и паѓа во водата, правејќи ја матна и загадена.

– По неколку дописи од Општина Бутел до Градот Скопје, денеска излегоа екипи да го чистат коритото на река Серава, реката се чисти во пределот што е под ГУП, според закон и надлежност на Град Скопје. Благодарност за реакцијата, со ова спасивме потенцијално излевање на реката во овој дел на Општина Бутел – изјави градоначалникот Костовски пред девет месеци, кога беше неговата последна акција за чистење на коритото на Серава.

Во тој период од локалната самоуправа информираа дека е исчистено коритото на реката Серава и истакнаа дека надлежноста за оваа акција паѓа на плеќите на Град Скопје, но очигледно работата не е завршена докрај, туку само делумно.

По четири години конечно почна втората фаза од уредувањето на коритото на Серава

По оваа објава, жителите го искажаа своето незадоволство за делумното чистење на реката поради што сѐ уште постои опасноста за нејзино излевање, а и на некои места е оставено ѓубрето.

„Целото речно корито да се исчисти, не само делумно! Нагоре пред последната постојка на автобусот број 57 е заборавено коритото, потребно е да се излее реката и да влезе во куќите за некој да дојде и да го исчисти речното корито“, се дел од коментарите на бутелчани.

Дива депонија покрај Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Речното корито на Серава на оваа локација е целосно уништено и валкано, полно со израснати треви, „езерца“ од пластични шишиња и останат тип отпад што секојдневно се излизгува од околните депонии.

„Слободен печат“ повторно испрати прашања до Општина Бутел, но оттаму повторно не добивме одговори.

Фактот дека Општината не одговара зошто не се чисти оваа дива депонија не нè изненадува, но изненадувачки е фактот дека никој од вработените во локалната самоуправа не ја видел оваа депонија за на своја рака да „потегне“ за да се исчисти, загради и заштити оваа локација од несовесните граѓани, имајќи предвид дека ова огромно ѓубриште е сместено на само неколку стотина метри од општинската зграда.

Дива депонија покрај Серава во Бутел / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот