Фотоизложба: Скопје низ објективот на Делвина Крлуку

Новинарката Делвина Крлуку, која е позната по својата книжевна и уметничка работа, овие денови во галеријата на Културно-информативниот центар се претстави и со серија фотографии со социјална тематика.

Професионалните обврски на Делвина Крлуку како новинарка ја водат во делови од градот во кои пејзажот е компониран од ниски куќи, домаќинки, закрпени минијатурни новоградби, сиромашни семејства, како контрапункт на блескавиот сјај на скопската неокласична сценографија на главниот градски плоштад. Изложбата на фотографии од Крлуку, поставена во Културно-информативниот центар во Скопје, ја открива другата страна на градот, која тежи од сиромаштија, од тага и слабости, од болни загуби и неправда. Уметничкиот талент на Крлуку ѝ овозможува да креира фотоесеи за свет што многумина мислат дека не постои. Нејзината колешка, новинарката Даниела Драштата од Хрватската радиотелевизија (ХРТ), во фотографиите забележала нескршливост и надеж, како карактеристика на самата авторка.

– Способната новинарка, која е истовремено и поетеса и писателка, станува хроничар на времето на контрасти, хроничар на градот во кој сосема паралелно живеат различни светови. Нејзината фотографија ни го открива единствениот прозорец во животот на другите, во светот на оние кои околностите ги довеле до самиот раб на пропаста. Фотографиите истовремено го рефлектираат внатрешниот свет на Делвина Крлуку, толку отворен за другите и различните, отворен за комплицираните теми што бараат многу повеќе од професионално известување: бараат чесност и посветеност, силен социјален инстинкт што го претвора новинарот и во активист и во уметник, кој суптилно ја бара правдата и еднаквоста за сите – забележала Драштата.

Како новинарка Делвина Крлуку работи во дневниот весник „Коха“ (Време). Во уметничките кругови е членка на ДПМ и ДПАМ. Дел е од редакцијата на периодичното списание „Стожер“ на ДПМ. Досега има објавено повеќе стихозбирки, дел од нив наградени на поетски фестивали во Албанија, Косово и во Македонија, како и книги со раскази, книжевни репортажи и интервјуа.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 55, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот