Фотоизложба на „Ворлд прес фото“ со приказни за жени што инспирираат промени

Марика Цукровски е куратор на изложбата што е претставена во „Мала станица“ во Скопје / Фотографија: Јани Патче

По повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – 25 ноември, фондацијата „Ворлд прес фото“ (World Press Photo) и Кралството Холандија во „Мала станица“ претставуваат избор на фотографии со изложбата „Отпорност – приказни за жени кои инспирираат промени“.

Родовата еднаквост и правдата се основно човеково право од клучно значење за поддршка на кохезијата на едно општество. Сепак, жените низ светот се соочуваат со длабоко вкоренета нееднаквост и сѐ уште се недоволно застапени во политичките и економските сфери. Насилството врз жените се наметнува како сериозен глобален проблем за нивното здравје и сигурност. Во просек, една од три жени ќе доживее физичка или сексуална злоупотреба во текот на својот живот.

Групната изложба „Отпорност – приказни за жени кои инспирираат промени“ ја афирмира посветеноста на Холандија на правата на жените и родовата еднаквост и правда. Повеќе гласови, документирани од 17 фотографи од 13 различни националности, нудат увид во прашања како што се сексизмот, родовото насилство, репродуктивните права и пристапот до еднакви можности. Изборот на приказни истражува како женските и родовите прашања во 21 век еволуирале и како фоторепортерството ги менувало начините на кои тие се прикажуваат.

„Крик за слобода“ / © Forough Alaei

На изложбата во Скопје се претставени наградени фотографии на конкурсите на „Ворлд прес фото“ од 2000 до 2021 година, кои ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците ширум светот. Кураторка на изложбата е Марика Цукровски од фондацијата „Ворлд прес фото“.

– Под закрила на „Ворлд прес фото“ имаме годишна патувачка изложба со која ги претставуваме победниците на годишниот конкурс, но исто така имаме и изложби на специфична тематика, која е зададена од нашиот тим. Оваа година изложбата носи приказни за жени кои инспирираат промени. Проектот е базиран на истражување во архивата на „Ворлд прес фото“. Реализацијата на изложбата е во стил на постери, за да биде полесна за пренос и за патување. Изложбата патува низ целиот свет. Бевме во Бразил, потоа во Турција, а сега сме во Скопје. Со оглед на различните простори во кои ја поставуваме, секаде изгледа различно, но пораките што ги носи се истите – објасни Марика Цукровски за „Културен печат“.

Изложба на „Ворлд прес фото“ во Скопје се поставува по пауза од десетина години. Изложбата ја организира Македонскиот центар за фотографија во партнерство со Националната галерија, а финансиски е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија. Изложбата ќе биде поставена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од 25 ноември до 11 декември.

Во рамките на изложбата, кураторката Марика Цукровски ќе одржи предавање во Кинотеката на Северна Македонија на 26 ноември. Предавањето е наменето за сите љубители на фотографијата, а влезот е слободен. Исто така од 21 ноември до 7 декември Македонскиот центар за фотографија организира фотоработилница за документарна фотографија на тема „Човекови права“ на која учествуваат 11 студенти по фотографија.

„Ветување“ / © Irina Werning, Pulitzer Center

Фондацијата „Ворлд прес фото“ е глобална платформа што ги поврзува фоторепортерите, документарните фотографи и светската публика преку доверливо раскажани приказни. Основана е во 1955 година, кога група холандски фотографи организираа натпревар („World Press Photo“) за да ги изложат своите дела пред меѓународна публика.

Оттогаш, мисијата на „Ворлд прес фото“ се прошири. Конкурсите прераснаа во еден од најпрестижните светски натпревари, наградувајќи ги најдобрите во фотоновинарството и документарната фотографија. Преку успешната светска изложбена програма, фондацијата на милиони луѓе им ги презентира важните приказни. Фондацијата „Ворлд прес фото“ е креативна, независна, непрофитна организација, со седиште во Амстердам, Холандија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот