ФОТОГАЛЕРИЈА | Тина Мицковска: Фрлањето храна на животните во Зоолошка е строго забрането!

Фото: Виктор Поповски/Фејсбук/Тина Мицковска

Секој од нас како дете со нетрпение ги исчекуваше посетите на Зоолошката градина, а некои од нас и ден-денес не можат да ја заобиколат оваа атракција, ако случајно се најдеме во град кој има Зоолошка градина. Денешните Зоолошки градини се цели комплекси со широк спектар на животни од сите меридијани и претставуваат некои од главните туристички атракции.

Скопската Зоолошка градина е едно од најомилените места, кое со задоволство го посетуваат сите генарации од секој крај од државата. Со самото влегување во ЗОО Скопје, како да влегувате во еден друг свет. Посетата на ЗОО Скопје претставува бајковито искуство и доживување и гарантира одлична забава.

Фото: Виктор Поповски

Зоолошката градина во Скопје, покрај забавна, има и едукативна функција за посетителите. Освен разновидноста и забавните содржини, што друго им нуди на посетителите?

– Пред сѐ, сакаме да ги едуцираме посетителите, особено најмалите. Нашите вработени се секогаш тука за секакви прашања во врска со животните и нивното чување. Многу повеќе е зголемена свеста кај посетителите во последните неколку години и тоа е наша примарна цел.

Постојат ли некои животни кои досега не биле во Зоолошката градина во Скопје, а кои планирате да ги донесете?

– Прв ваков поголем проект е реконструкција на живеалиштето на белите лавови, каде што ќе има и стаклен ѕид.

Која е најголемата грешка која посетителите ја прават при посетата на Зоолошката и при самиот пристап на животните? Што не смеат да прават за добробит и на животните, но и за самите себе?

– Прескокнувањето на оградите, вознемирувањето на животните и фрлањето на храна се строго забранети. Секое животно си има своја табличка за исхрана, свои навики, свој простор, кој дел несовесни посетители го загрозуваат. Но, со едукација и кампањи се бориме во што помал број да ги има несовесните.

Фото: Виктор Поповски

Дали во блиска иднина имате план да воведувате некои други забавни содржини?

– „Бејби ЗОО“ е омиленото едукативно катче за децата, каде што може да погалат и нахранат животни и да научат повеќе за чувањето миленик. „Дино Парк“ е моментално најголемата атракција со преку 150.000 посетители за само пет месеци. Тука се и бесплатните содржини, како јуниор авантура паркот, игралиштата, забавните катчиња… Ние сме прва Зоолошка на Балканот што е дигитализирана и има своја мобилна апликација, каде што има доста интересни содржини што може да се прочитаат и слушнат на три јазици. Секако, во иднина ќе се надградуваме со многу нови содржини за посетителите.

Колку чини влезница за Зоолошката градина во Скопје?

– Влезницата за во Скопје ЗОО е 80 денари, а за деца до три години влезот е бесплатен. Во „Дино Парк“ влезот е 50 денари. Влезници може да се купат и онлајн преку веб или мобилна апликацијата Zoo Skopje.

Погледнете ТУКА како животните во ЗОО Скопје му позираат на нашиот фотограф Виктор Поповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот