ФОТОГАЛЕРИЈА: Македонија одигра храбри 1:1 против големата Англија

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во последниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 ремизираше 1:1 против Англија.
Англија уште во четвртата минута го имаше првиот удар кон нашиот гол преку дебитантот Луис, но непрецизно шутираше над голот на Димитриевски.

Играчите на Герет Саутгејт воглавно ја контролираа топката без големи амбиции да нападнат чекајќи трпеливо да нападнат кон нашиот гол. Во 14 минута Рајс изненадувачки силно шутираше, за наша среќа ја погоди левата статива на македонскиот голман.
И по 20 минути никако не можевме да поврземе неколку додавања, имаше и доста нервоза со пет прекршоци веќе за нашата селекција. Случајно во 23 минута грешка во одбраната на Англија, Миовски го проигра Елмас кој беше турнат од Мегваер, но не доволно да се досуди пенал.

Помина половина час од играта, и натаму немавме решение за големиот притисок на ривалите на нашата половина и тешко дури ја отстранувавме опасноста.
Шансата ја баравме од контра, токму таква случајна, Миовски се бореше да дојде до топката во шеснаесетникот на Пикфорд, Луис невнимателно реагираше и удри со раката во лицето на напаѓачот на Абердин. Се проверуваше ВАР снимка, а словачкиот судија покажа на белата точка.

Пикфорд го одбрани пеналот на Барди, но нашиот репрезентативец одбиената топка ја смести во противничката мрежа за водство на Македонија (1:0).
Англија се обиде непосредно пред паузата да дојде до израмнување, најпрвин преку Луис во судиското надополнување, но сигурен беше голманот на Рајо Ваљекано, Димитриевски, а потоа имаше уште една одбрана откако го запре ударот на Александер Арнолд.

Веднаш на стартот од вториот дел Англија успеа да израмни, Сака на петерец го пронајде Грилиш кој ја затресе мрежата на Димитриевски. Се радуваа Англичаните, но по ВАР снимката се донесе одлука дека Грилиш беше во офсајд позиција.
Саутгејт во 58 минута одлучи на местото на Воткинс да влезе во игра еден од најискусните во англиската селекција, Хари Кејн. По еден изведер корнер, не реагиравме најдобро во одбраната, од рамото на Атанасов, топката заврши во мрежата на Димитриевски за израмнување (1:1).

Повеќе креиравме акции во нападот во вториот дел, дури во 65 минута го имавме првиот корнер на мечот по блокираниот удар на Елмас.
Следуваше помирен период без многу возбудувања, до следната сериозна шанса чекавме до 82 минута кога највисоко скокна Мегваер, но Димитриевски не дозволи да биде совладан. Конечно, и ние имавме шанса да реализираме, Серафимов скокна највисоко, се обиде со глава, но само нешто над голот на Пикфорд во 88 минута. До крајот успеавме да се одбраниме и да излезе како непоразени против една од најдобрите фудбалски репрезентации на светот.


Квалификации ЕП 2024
Национална арена „Тодор Проески“ – Скопје, Гледачи: 30.000
Македонија – Англија 1:1 (1:0)
Барди 41`/Атанасов а.г. 59`
Македонија: Димитриевски, Муслиу, Серафимов, Манев, Алиоски, Алими (Костадинов 75`), Атанасов (Елези 90+1`), Барди, Димоски (Ашковски 86`), Елмас, Миовски (М. Ристовски 75`).