ФОТО+ВИДЕО | Во Италија пронајдени совршено сочувани бронзени статуи стари 2.300 години

Фото: Министерство за култура на Италија

Во подрачјето на Токсана, Италија, пронајдени се 24 антички бронзени статуи стари околу 2.300 години.

Италијанската новинска агенција АНСА објави дека во текот на истражувањето во Сан Кашано деи Бањи се пронајдени добро сочувани статуи, а пет од нив се високи над еден метар.

Бронзените статуи се добро сочувани благодарение на калта на дното на термалниот базен во кој се наоѓале. Наведено е дека покрај статуите, пронајдени се и неколку плочи со натписи на латински јазик и неколку илјади монети.

Научниците утврдиле дека откриените статуи се од периодот помеѓу вториот век пред новата ера и првиот век од оваа ера, а кои ги претставуваат грчките и римските божества.

Меѓу фигурите на различни грчко-римски богови се и статуите на Хигија и Аполон, а под бањата каде што се пронајдени се чуваат околу 6.000 бронзени, сребрени и златни монети кои датираат од периодот меѓу вториот и првиот век п.н.е..

Фото: Министерство за култура на Италија

Археологот Јакопо Таболи, шеф на тимот од Универзитетот за странци во Сиена, рекол дека повеќе од 60 научници биле вклучени во истражувањето.

Добро сочуваните статуи, кои ги „спасила“ водата, ќе бидат преместени во лабораторијата за реставрација во блиското Гросето, по што ќе бидат изложени во новиот музеј во Сан Кашано.

Министерот за култура на Италија, Џенаро Санџулијано, изјавил дека ова е извонредно откритие кое потврдува дека Италија е земја со исклучително вредни и уникатни богатства.

Фото: ЕПА

Италијанските медиуми пишуваат дека ова е едно од најголемите културни откритија во земјата од 1972 година, кога биле пронајдени статуите на Риаце стари 2.500 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот