ФОТО/ВИДЕО | Самохраните родители маршираа низ Скопје: Не бараме сожалување, туку права!

Фото: МИА/принтскрин

Протестен марш на организацијата „Една може“ се одржа денеска во центарот на Скопје. Самохраните родители отидоа пред Министерството за труд и социјална политика, каде ги испорачаа своите барања и препораки.

Меѓу нив се: дефинирање на термините самохран родител и еднородителско семејство, допрецизирање на постојаните права и нивно реформулирање, помагање на самохраните мајки за решавање на станбеното прашање, создавање механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки, како и анализа и преобмислување на системот на социјални и парични бенефиции.

Самохраните родители побараа и прецизни статистички показатели за бројот и состојбата на самохрани родители на национално ниво, како и приспособување и зголемување на учеството на жените самохрани мајки во општеството преку квоти.

Фото: Фејсбук

Една од говорничките пред МТСП рече дека јавноста секојдневно е сведок на барем една тажна приказна и апел за помош, но и посочи дека тоа им создава потешкотии бидејќи и тие барем еднаш во животот се нашле во иста или слична ситуација.

„И додека ние, како членови на групата ‘Една може’, се трудиме со натприродни сили, да и помогнеме на секоја една којашто бара помош, државните институции молчат. Затоа денес, после долги години молчење, решивме конечно да го кренеме нашиот глас и јавно да ги побараме нашите права, и барем на момент да им доловиме како е да се биде и мајка и татко во исто време. Епа драги мои, верувајте, не е ни најмалку лесно“, рече таа.

Дополнително, говорничката ги повиканадлежните институции да обезбедат финансиска помош за секој самохран родител, без разлика на тоа дали е вработен или не.

„Во денешно време кога се соочуваме со големи покачувања на цените на производите, со една плата не може да се прехрани едно семејство, а камоли да се преживее месецот. Како и секое дете, така и нашите заслужуваат да имаат спокојно детство ии затоа уште еднаш, од името на сите нас, би ве замолила, конечно да нѐ слушнете и да ни го исполните ова наше барање, за, како што и кажува слоганот на оваа наша група: ‘секоја една да може’. Сите овие години си помагавме меѓусебно, една на друга, сега редот е на вас, државните институции да ни помогнете на сите нас, самохрани родители“, додаде говорничката.

Непосредно пред почетокот на маршот, претседателката на организацијата „Една може“, Дороти Пачкова, изјави дека нивната борба е децениска, а протестот е нешто кое досега не го направиле, и покрај сите легални механизми кои ги употребиле претходно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот