ФОТО+ВИДЕО I Вака изгледа кога ќе се судрат оган, вода и солзавец: Не запираат протестите во Албанија, 1.500 полицајци ги држеа на растојание револтираните граѓани со солзавец и гумени куршуми

Веќе трета ноќ по ред не стивнуваат масовните демонстрации низ Албанија. Демонстрантите, кои се најмногу во Тирана бараат правда за 25-годишниот Клодијан Раша кој го уби полициски специјалец.

Фото EPA-EFE/MALTON DIBRA

Тие се движат во различни области на главниот град. Вчерашната оставка на министерот за внатрешни работи, Сандер Лешај, не го задоволи гневот на јавноста. Сега граѓаните на улиците бараат реформи во државната полиција и оставка од генералниот директор на полицијата Арди Велиу. Многумина од нив бараа оставка и од премиерот Еди Рама.

Тој за насилството ги обвини шефот на државата Илир Мета и поранешниот претседател Сали Берша.

-Тие ги поттикнуваат и оркестрираат протестите и насилствата. Доказ се зборовите на Претседателот на Републиката кој ги поттикнува и оркестрира заедно со другиот, поранешниот претседател на Републиката кој денес е горд што убивал луѓе, кој им кажува на Албанците дека насилството е патот за напредок во оваа земја и во ова општество. Доказ се оние слики, и оние малолетни лица кои се изманипулирани и злоупотребени и дефинитивно излажани и со пари за да излезат на улица и да го прават она што го прават без да бидат свесни за што станува збор,изјави Рама по посетата на повредените полицајци хоспитализирани во Универзитетската клиника.

Демонстрантите повторно кршеа сообраќајни знаци, семафори и канти за отпадоци. Скоро 1.500 полициски службеници, ги спречуваa револтираните граѓани да пристапат до владините институции, држејќи ги на растојание со солзавец и гумени куршуми, цистерни со вода и блиндирани возила.

Фото: EPA-EFE/Malton Dibra

Младинскиот бунт започна околу 18:30 часот и продолжи до околу 20:30 часот.

Фото: EPA-EFE/Malton Dibra

Бела магла од солзавец се рашири и во населените места. Оваа полициска тактика дополнително предизвика многу хаос и незадоволство кај жителите на Тирана.

Фото: EPA-EFE/Malton Dibra

Според извори блиски до полицијата, како што јавуваат албанските медиуми, двајца припадници на полицијата биле повредени за време на денешниот протест, додека десетици млади биле испратени во полициските станици.

Фото: EPA-EFE/Malton Dibra

Толпата се приближи и во областа во близина на претседателството. Полициските единици за брза интервенција и покрај сите расположливи средства за растерување толпи во неколку локации од градот употреби и автобуси.

Освен во Тирана, протести имаше и во други градови во земјата. Во Драч гневите демонстранти се собраа во центарот на градот и ги запалија новогодишните украси на општината.

Фото: EPA-EFE/MALTON DIBRA

За разлика од Тирана и Драч каде преовладуваше насилство, во Елбасан се собраа десетици луѓе кои извикувајќи „Долу со диктатурата“, „Оди си Рама“, а потоа запалија свеќи во знак на солидарност.

ВИДЕО: Албанската полиција во потрага по раперот Стреси и уште шест лица по синоќешните протести , 16 полицајци се повредени

Полицискиот службеник Невалдо Хајдари, кој пред три дена во Тирана го уби 25 годишниот Клодијан Раша, изрази жалење за неговото дело и побара од Судот да одлучи каква казна ќе добие. Тој со наведната глава рече: „Убив човек. Немам право да барам одбрана“.  Исто така Хајдари соопшти дека сака јавно да им се извини на роднините на жртвата. На денешното судење, судијката донесе одлука да биде ставен во притвор.

По денешните протести хоспитализирани се 14 полицајци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот