ФОТО: Украина со пресврт до победа во Скопје, Македонија испушти убава предност

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската А репрезентација во вториот натпревар од квалификациите за ЕП 2024 загуби минимално со 2:3 од Украина.

А убаво започнавме откако после првото полувреме на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје водевме со 2:0 против Украинците.

Првиот гол за нашата репрезентација беше дело на Енис Барди од пенал во 31 минута, претходно главниот судија гледаше ВАР поради играње со рака што беше потврдено и покажа на белата точка. Тоа беше 14 гол за Барди во дресот најдобрата македонска фудбалска репрезентација.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

За зголемување на предноста се погрижи Елиф Елмас со еден прекрасен гол за огромна радост на трибините. За нашиот фудбалски „дијамант“ ова беше 11 погодок во националниот дрес.

Можевме лесно да водиме и со огромни 3:0, Алиоски прекрасно шутираше од слободен удар, а со крајни напори одбрани украинскиот голман Трубин.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во вториот дел поточно во 54 минута Елмас повторно се закани со силен удар, но овојпат директно во рацете на гостинскиот чувар на мрежата. Украина силно притискаше кон нашиот гол, тоа им даде резултат во 62 минута кога по еден корнер кој го изведе Циганков, со глава во нашиот казнет простор најдобро се снајде Забарњи.

Само шест минути подоцна нов гол повторно во нашата мрежа, Конопља по одбиена топка прецизно шутираше од околу 15 метри во мрежата на Димитриевски. Дополнителен проблем беше исклучувањето на Муслиу кој предвреме го напушти теренот поради два жолти картони во 72 минута.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Украинците направија целосен пресврт во 83 минута, Мудрик правовремено го пронајде Циганков во 83 минута за поставување на конечниот епилог.

Следниот меч нашите најдобри фудбалери ќе го имаат на 19 јуни на „Олд Трафорд“ против Англија.

Квалификации ЕП 2024

Македонија – Украина 2:3
Барди пенал 31, Елмас 39`/Забарњи 62`, Конопља 68`, Циганков 83`

Македонија: Димитриевски – С. Ристовски, Зајков, Муслиу, Алиоски – Барди, Адеми (Атанасов 65`), Ашковски (Брдаровски 65`/Дор. Бабунски 90+1`) – Трајковски (Дориев 76`), Несторовски (М. Ристовски 65`), Елмас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот