Уметничка галерија - Фото: pexels-francogarciafilms

ФОТО | Tатко и ќерка продавале фалсификати од Пикасо и Бенкси — заработиле два милиони долари

Татко и ќерка од Њу Џерси признаа вина за повеќегодишна шема на фалсификување, со која ги доведувале во заблуда уметничките галерии и аукциските куќи да купуваат лажни слики претставени како дела од познати уметници како Енди Ворхол, Бенкси и Пабло Пикасо, пренесува „Гардијан“.

Федералните обвинители соопштија дека Ервин Банковски (50) и Каролина Банковска (26) ангажирале уметник од Полска да изработи најмалку 200 фалсификати и на крај измамиле купувачи за најмалку два милиони долари.

Фалсификувани уметнички слики – Фото: US attorney’s office, eastern district of New York

Лажните дела често биле копии на помалку познати творби од истакнати уметници. Најпрофитабилната фалсификувана слика – наводно дело од уметникот Ричард Мејхју – била продадена од аукциската куќа „Димушелс“ (DuMouchelles) минатиот октомври за 160.000 долари. Претставник на „Димушелс“ изјавил дека соработувале со федералните власти, но не бил овластен да дава дополнителни информации за продажбата.

Неколку други аукциски куќи кои биле цел на измамата – меѓу кои „Бонамс“, „Филипс“, „Фриманс“ и „Антик Арена“ – или одбиле да коментираат или не одговориле на прашањата.

И таткото и ќерката се извиниле во суд во Њујорк во вторникот. Според федералните насоки, им се заканува казна од повеќе од три години затвор, како и обврска да вратат околу 1,9 милиони долари и можност за депортација во Полска.

Банковска изјавила пред судијата дека „однесување било погрешно и за тоа е виновна“. Нејзиниот адвокат, Тод Сподек, изјавил дека таа веќе ставила повеќе од еден милион долари на посебна сметка.

Преку преведувач од полски јазик, Ервин Банковски исто така се извинил. Неговиот адвокат, Џефри Чаброу, додал дека неговиот клиент „за жал донел лоша одлука во обид да го издржува своето семејство“.

Како што веста за фалсификатите се прошири во уметничкиот свет, експертите ја опишаа шемата како класичен пример за ваков вид измама.

„Единственото необично во овој случај е што фалсификаторите беа фатени“, изјави Ерин Томпсон, професорка за криминал поврзан со уметност на Градскиот универзитет во Њујорк.

„Луѓето често мислат дека уметничкиот свет е префинето место полно со културни личности кои сакаат да ја споделат убавината на уметноста. Треба да се претпостави дека има многу повеќе фалсификати отколку што се мисли.“

Обвинителите наведоа дека таткото и ќерката започнале да го ангажираат неименуваниот уметник од Полска во 2020 година за изработка на фалсификатите. Користеле старинска хартија и изработувале лажни печати кои ги ставале на сликите, користејќи имиња на веќе затворени галерии каде што одреден уметник би можел веродостојно да изложува.

Продажбите наскоро почнале да предизвикуваат сомнежи. Во март 2023 година, претставници на уметникот Рајмондс Стапранс дознале за фалсификувана слика со наслов „Три чамци“ која се продавала преку аукциска куќа. Неколку дена откако тие стапиле во контакт со куќата, сликата сепак била продадена на купувач за 60.000 долари.

Томпсон забележала и други неправилности. На пример, печатот на задната страна на една лажна слика наведувал година 1976, но содржел адресен број што престанал да се користи уште во 1962 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот