ФОТО: Се повеќе ерозии и одрони кон тетовско Бањиче, рекреативниот предел ризичен за тетовци

Фото: Слободен печат

Ерозивните процеси кон рекреативното место Бањиче на Шарпланинскиот масив не се смируваат. Изминативе неколку недели големи наноси од земја се спуштаат кон патот, а одрони се паднати и на самиот коловоз.

„Има постојано нови свлечишта, можеби не секој ден, но секој втор или трет ден гледаме како планината буквално се симнува кон патот. Јас секој ден одам кон рекреативното место Бањиче, ризично е, но овој предел ни е единствениот за пешање во природа, долу во градот е хаос се е бетон и асфалт“, вели една тетовка која ја затекнавме како се рекреира кон рекреативното место Бањиче.

Ерозивните процеси кон пределот Бањиче повторно се активираа на почетокот од декември 2022 година кога се интензивираа врнежите од дожд.

Од Општина Тетово за Слободен печат тогаш изјавија дека на планината се појавени пукнатини и земјиштето моментално е дестабилизирано и затоа не можат да интервенираат. Поставени се само знаци за предупредување, но преку проект кој планираат да започне напролет како што рекоа се планираат превентивни активности за стабилизација на земјиштетото.

Тетовци велат дека ваквите најави на властите ги слушаат со години, но на терен не се преземаат сериозни превентивни чекори.

„Ветуваа дека ќе започнат со некакви активности напролет, но и сега треба да преземат нешто. Можат барем да ги чистат одроните од патот кои паѓаат секојдневно, тука се движат и возила и пешаци. Исто, треба да има повеќе знаци за предупредување. Имаше поставено знаци пред неколку месеци, но и тие како што гледате се на земја соборени заедно со одроните и никој не ги подигнува, треба да се поместат и да се стават на друго место“, вели еден тетовец.

Фото: Слободен печат

Патот и пешачката зона кон Бањиче беше обновен и проширен пред пет години. Уште тогаш геолозите предупредуваа дека делницата се проширува на сметка на планината со многу стрмни косини, што може да предизвика ерозивни процеси.

За само една година тоа и се случи. На патот постојано паѓаат одрони, а теренот од можни свлечишта е заштитен на неколку места со мали потпорни ѕидови. Но досега, ниту минатата, ниту оваа локална власт, нема преземено сериозни превентивни чекори.

Фото: Слободен печат

Од претходната локална самоуправа пред година и половина на најризичните места направија т.н. каскадни системи, со цел да се заштити пределот од ерозивни процеси. Но овие зафати не се покажаа како ефективни. Токму на местата на каскадните системи, се појавуваат големи свлечишта.

Фото: Слободен печат

Сегашната локална самоуправа вели дека земјиштето ќе се стабилизира преку проектот „Санација и стабилизација на свлечиште ЛОТ 3 во ХЕЦ Пена, Општина Тетово“.

Инаку проектот за свлечиштето кон Бањиче е на УНДП, организација со чија помош ќе треба да се реализираат уште три дополнителни проекти за заштита од ерозивни процеси за населено место Бозовце, Шипковица и Порој, велат од Општина Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот