Фото: „Слободен печат“

ФОТО: Се „дави“ во ѓубре споменикот на Прометеј и паднатите херои во „Жена-парк“

Споменикот на паднатите херои на Македонија во паркот „Жена-борец“ во центарот на Скопје – триделната масивна градба во паркот спроти Собранието позната по скулптурата на Прометеј, е „удавен“ во ѓубре, пластични шишиња и паднати лисја.

Фото: „Слободен печат“

Посебно е загадена „агората“ со „концентричен форум“, со белиот мермер прекриен со темнозелена мов која изгледа не само грдо, туку и опасно. За овој дел од споменикот, авторот Томе Аџиевски велеше дека е замислен „да се седи околу фонтаната и да се дебатира за секојдневниот живот, нешто како парламент на отворено, симбол на слободата на говорот и јасната определба на граѓаните“.

На местото каде што некогаш гореше огнот што требаше да биде вечен, сега има шприц и, како и насекаде околу – есенва паднати и несобрани лисја. Целиот простор на своевидниот споменичен комплекс е преполн со пластика, скршени стаклени шишиња и секакво ѓубре и изгледа како никој да не подзачистил со месеци.

Споменикот на Паднатите херои на Македонија беше подигнат како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски. И во рамките на целиот градежен мегапроект со кој од корен се промени изгледот на центарот на Скопје, овој споменик беше посебно контроверзен и во фокусот на критичарите, особено откако скулптурата на Прометеј беше накнадно преправана. Кога неименувани женски организации се побунија дека било срамота приказот на митскиот антички херој да биде гол, авторот Аџиевски ѝ додаде гаќи на скулптурата.

Триделниот споменик чинеше 2,36 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот