ФОТО | По цели 16 години: Кој ќе биде новиот наследник на Ангела Меркел?

Армин Лашет (лево), Аналена Баербок и Олав Шолц (десно), еден од нив ќе биде наследник на канцеларката Ангела Меркел / Колаж: СП. / Фото: ЕПА
Германците утре ќе гласаат за составот на новиот Бундестаг, а резултатите од овие избори ќе одлучат кој ќе ја наследи Ангела Меркел, која по 16 години ја напушта функцијата канцелар.

Анкетите покажуваат дека ниту еден потенцијален наследник на Ангела Меркел нема убедлива предност меѓу 62 милиони германски гласачи.

Новинари ја следат предизборната дебата, која се пренесуваше во живо, помеѓу Армин Лашет (десно), Аналена Баербок и Олав Шолц /19 септември 2021 / Германија / EPA-EFE/FILIP SINGER

Стравувајќи дека Берлин „ќе скршне кон лево“, милијардерите ги префрлаат парите во Швајцарија

Кандидати за нов германски канцелар се:

Армин Лашет (ЦДУ/ЦСУ)

Германската канцеларка Ангела Меркел и кандидатот за нејзин наследник од ЦДУ Армин Лашет/ Фото EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Армин Лашет (60) е лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на се уште актуелната канцеларка Ангела Меркел и премиер на индустриската провинција Северна Рајна-Вестфалија, најнаселениот регион во Германија. Побожен католик, син на рудар, кој подоцна станал учител, и пораснал во близина на белгиско-холандската граница, каде што живее и денес. Откако студирал право, се запишал на новинарство и извесно време работел како новинар. Тој беше избран за пратеник во Бундестагот во 1994 година, а во 1999 година за член на Европскиот парламент.

По објавувањето на Анегрет Крамп-Каренбауер во февруари 2020 година дека ќе се повлече од функцијата лидер на ЦДУ и дека нема да се кандидира за канцелар на изборите во 2021 година, Лашет објави дека ќе влезе во трката за претседател на партијата и иден канцелар. Во првиот круг на гласање за лидер на партијата, освои 38,4 проценти од гласовите, а во вториот 52,79 отсто, со што дојде на чело на партијата. Додека ги посетуваше областите погодени од катастрофалните поплави во јули, во кои загинаа 190 луѓе, Лашет беше снимен од камерата како се смее зад германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој им оддаде почит на жртвите. Затоа, тој беше цел на силна критика, иако го испрати своето извинување до јавноста, велејќи дека тоа е „глупаво, не требаше да се случи и жалам поради тоа”. По овој инцидент, унијата ЦДУ/ЦСУ доживеа пад во анкетите, додека Социјалдемократската партија на Германија го презеде водството.

Армин Лашет / EPA-EFE/HAYOUNG JEON

Што се однесува до позициите во надворешната политика, Лашет смета дека Европската унија не е добро подготвена за глобалните предизвици. Тој постојано повторува дека го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, и покрај загриженоста од Франција и другите членки. „Алтернативата да ги оставите надвор од ЕУ ќе има поголеми последици, а ниту едната ниту другата не е добра”, рече тој. Лашет, исто така, истакна дека земјите од Западен Балкан имаат јасен патоказ за членство во ЕУ и дека нивната посветеност треба да се почитува доколку ги исполнуваат тие критериуми.

Во својот прв говор како претседател на партијата, тој рече дека ќе ја продолжи надворешната политика на Ангела Меркел, што значи ќе продолжи да ги критикува Русија и Кина за кршење на човековите права, но без жртвување на економските интереси. Тој ја опиша Кина како „конкурент, партнер и ривал”. Истовремено, тој го потврди мислењето на Ангела Меркел дека местото на Европа е веднаш до САД и Канада.

Запрашан за рускиот гасовод „Северен поток 2″ во Европа, Лашет смета дека Владата на Ангела Меркел е „на добар пат”, додавајќи дека тоа е „комерцијален проект” и дека на Германија ќе и треба гас.

Лашет го откажа своето присуство на уметнички фестивал пред три години, бидејќи учествуваа и поддржувачите на движењето БДС, кое повикува на бојкот, санкции и прекин на инвестициите во Израел, и оваа година вети целосна поддршка за земјата. Тој беше еден од ретките што ја поддржа одлуката на Меркел да дозволи стотици илјади Сиријци и Авганистанци да влезат во земјата за време на големиот бегалски бран во 2015 година. Поради политиката за интеграција, тој беше наречен „Армин Турчин” меѓу неговите сопартијци. Подоцна добива прекар „финиот г-дин Лашет” заради поддршката за имиграцијата и симпатии кон Зелените.

Меркел повика да се гласа за Лашет со цел „Германија да остане стабилна”

Олаф Шолц (СПД)

Олаф Шолц / Фото EPA-EFE/Theo Klein / POOL

Олаф Шолц (63), заменик на Ангела Меркел и германски министер за финансии, е кандидат на Социјалдемократската партија за канцелар во Германија, а анкетите му даваат предност во оваа трка. Пораснал во Хамбург, градот во кој беше градоначалник од 2011 до 2018 година. Неговите поддржувачи тврдат дека тој е одговорен за изградбата и напредокот на градот и дека е човек кој секогаш има план. Ја изгради својата кариера како адвокат, посветена на работничките права и синдикалната поддршка. Тој беше член на Бундестагот од 1998 до 2011 година.

Многумина во Германија го нарекуваат прагматичар и бирократ, а германското списание Die Zeit одамна го нарече „Шолцомат”, алудирајќи на машина која исфрла бирократски фрази. Еден од уредниците на списанието во неодамнешната изјава за американските медиуми рече дека Шолц бил „еден вид идентичен близнак на Џо Бајден, само малку помалку зборлив”, објаснувајќи дека заедничко им е тоа што тие се луѓе на системот, центристи, институционалисти и знаат како да го постигнат она што го сакаат. СПД го гледа како поддржувач на политиката на центарот, а многу гласачи го признаваат продолжувањето на Ангела Меркел и нејзината политика во него. Како министер за финансии, Шолц беше во состојба да распредели милијарди евра од фондовите за итни случаи за време на епидемијата на коронавирусот за да им помогне на економијата и граѓаните да ја надминат кризата и да ги задржат своите работни места. Токму ова искуство со германските граѓани му дава предност пред другите кандидати.

Aнгела Меркел и Олаф Шолц / Фото EPA-EFE/FILIP SINGER

Шолц претходно ја истакна важноста на француско-германското пријателство, нарекувајќи го клучно за напредокот на Европската унија, па затоа често е гостин на Париз и францускиот претседател Емануел Макрон. Во интервју истакна дека како канцелар ќе се залага за нов пристап на Германија и Европа кон Русија. На прашањето како да се управува со новиот потенцијален бран мигранти, тој одговори дека фокусот треба да биде на тоа како да се обезбеди помош за земјите во кои први пристигнале, отколку да прифатат повеќе луѓе во Германија.

Што се однесува до Западен Балкан, тој смета дека Русија и другите земји треба да го прифатат фактот дека Европската унија ќе се прошири.

Аналена Бербок (Зелени)

Aналена Баербок / EPA-EFE/Sean Gallup / POOL

Аналена Бербок, единствената жена во трката за наследник на Ангела Меркел, е првата кандидатка на Зелените за канцелар. Четириесет годишната Баербок доаѓа од село во близина на градот Хановер, студирала право и политика во Хамбург и Лондон и работела за Зелените во Европскиот парламент. Како девојче, нејзините родители често ја носеле на протести против нуклеарното оружје, и според неа, таа првично сакала да биде воена репортерка. На почетокот на годинава, според анкетите, имаше добра поддршка, но нејзината репутација беше разнишана кога е обвинета за плагијат и лажење во нејзината биографија.

Таа е членка на Бундестагот од 2013 година, и ги фокусираше своите политички активности главно на семејни прашања и заштита на животната средина. Заедно со Роберт Хабек, таа ја водеше партијата од 2018 година. Раководството на партијата смета дека новата германска влада мора длабоко да се посвети на климатските промени за да ги исполни барањата од Парискиот договор. Аналена Бербок, исто така, вети дека како канцелар ќе ги подобри правата на децата и барателите на азил и ќе ги намали даноците за оние со помали примања.

Аналена Баербок / EPA-EFE / FILIP SINGER

Доколку победи на изборите, Бербок ќе биде првата „зелена” канцеларка, првата мајка на таа позиција и првиот германски лидер кој отворено се нарече себеси феминистка. Таа често истакнува дека е мајка на две мали деца и дека сака да го следи примерот на премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн. Нејзината номинација за канцелар доведе до зголемување на бројот на нови членови на партијата, но анкетите покажуваат дека таа има најмалку шанси да биде избрана. Што се однесува до надворешната политика, таа се залага за построг став кон Русија и Кина отколку двата ривала. Бербок нагласи дека Европа ќе биде „уништена” доколку Германија не биде конкретна во надворешната политика во врска со тензиите во Украина и нејзиниот однос кон Русија. Таа е против изградбата на Северен поток 2. Исто така смета дека НАТО е незаменлив и ја поддржува соработката во заедничката одбрана на Европа и нејзината безбедност.

Аналена Баербок / EPA-EFE / FILIP SINGER

Досегашни канцелари на Германија:

Конрад Аденауер (ЦДУ) – од 1949 до 1963 година.

Лудвиг Ерхард (ЦДУ) – од 1963 до 1966 година

Курт Георг Кизингер (ЦДУ) – од 1966 до 1969 година

Вили Бранд (СПД) – од 1969 до 1974 година

Хелмут Шмит (СПД) – од 1974 до 1982 година

Хелмут Кол (ЦДУ) – од 1982 до 1998 година

Герхард Шредер (СПД) – од 1998 до 2005 година

Ангела Меркел (ЦДУ) – од 2005 година …

Германски канцелари, Прв ред, од десно кон лево: Конрад Аденауер (фото од 1963) Лудвиг Ерхард (фото од 1972) Курт Георг Кисингер (фото од 1980) и Вили Бандт (фото од 1973) / Втор ред, од десно кон лево: Хелмут Шмидт (фото од  1976), Хелмут Кохл (фото од 1998) Герард Шродер (фото од 2005) и Ангела Меркел (фото од 26 септември 2021)

Стравувајќи дека Берлин „ќе скршне кон лево“, милијардерите ги префрлаат парите во Швајцарија

Што ќе прави Меркел во нејзината пензија?

„Испи четири-пет ракии со нас“: Приказни од градчето од каде потекнува Меркел

ФОТО: Меркел опкружена со егзотични птици стана вирален хит

Меркел повика да се гласа за Лашет со цел „Германија да остане стабилна”

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот