Стравувајќи дека Берлин „ќе скршне кон лево“, милијардерите ги префрлаат парите во Швајцарија

Германската канцеларка Ангела Меркел / Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN
Германски милијардери забрзано префрлаат пари во Швајцарија, стравувајќи од потенцијална нестабилност во земјата по парламентарните избори в недела, кои се крајно неизвесни поради повлекувањето на Ангела Меркел од канцеларската функција.

Анкетите спроведени во изминатата недела му даваа блага предност на лидерот на социјалдемократите Олаф Шолц, но на последното телевизиско соочување на кандидатите спроти предизборниот молк демохристијаните практично се изедначиле со СПД според рејтингот.

Анкета спроведена од агенцијата ФГВ за телевизијата „ЗДФ“ веднаш по дебатата покажала дека кандидатот Армин Лашет го кренал рејтингот на демохристијаните за 1 процент, од 22 на 23 отсто, додека популарноста на социјалдемократите и Шолц останала непроменета на 25 отсто. Дебатата за половина процент го кренала рејтингот и на Зелените, кои се цврсто на третата позиција, со рејтинг од 16,5 отсто, како и Слободните демократи (ФДП), кои, според анкетите, може да се надеваат на 11 отсто од гласовите.

На деведесетминутната дебата кандидатите на седумте главни партии ги судриле своите ставови за даноците, за задолжувањето и за надворешната политика.

Кандидатите имале спротивставени ставови за надворешната политика, особено за врските со Кина. Шолц ги отфрлил радикалните барања на екстремната левичарска партија Линке, кои бараат дури и Германија да го напушти НАТО.

– Има конкретни услови. Потребна ни е соработката во НАТО. Потребни ни се добри односи со САД – истакнал Шолц.

За економските прашања, Лашет ветил дека ако стане канцелар, нема да ги зголеми даноците и ќе задржи строги буџетски правила, кои беа разлабавени во изминатата година поради кризата со пандемијата на ковид-19.

Таков став изразил и Кристијан Линднер, кандидат на партијата ФДП, која е ориентирана кон бизнисот.

– Имаме висок дефицит, многу сме задолжени во Европа и имаме висока стапка на инфлација – изјавил Линднер. Тој се заложил за укинување на субвенциите, вклучувајќи ги и оние за електрични автомобили.

Шолц ја истакнал потребата за нови инвестиции, а лидерката на Зелените, Аналена Бербок, се заложила за поголеми вложувања во иницијативите за зачувување на животната средина.

Поаѓајќи од овие несогласувања, аналитичарите оценуваат дека ќе се водат тешки преговори за составување коалициска влада, без оглед каков ќе биде распоредот на гласовите на изборите.

Кандидатите избегнале да говорат за постизборните комбинаторики. Линднер изјавил дека политиката на неговата ФДП најмногу се поклопува со онаа на демохристијаните, па експертите не ја отфрлаат можноста за формирање на коалиција помеѓу ЦДУ, ФДП и Зелените, но истакнуваат дека евентуалните програмски недоразбирања може да ја нарушат „математиката“.

Стравувајќи од евентуално формирање владина коалиција на социјалдемократите, Зелените и радикалната левица, при што веројатно би биле воведени даноци за богатство и за наследство, милионерите од Германија веќе префрлаат пари на сметки во Швајцарија. И социјалдемократите и зелените во кампањата се залагаа за враќање на даноците за богатите, како и зголемени даноци за наследство.

– Ова е црвена тревога за супербогатите. Семејствата на бизнисмените се многу растревожени – изјавил за Ројтерс германски правник што покрива операции во Швајцарија.

Според банкарски податоци, депозитите на германски компании и приватни лица во Швајцарија во првиот квартал од оваа година се зголемиле за 5 милијарди долари на вкупно 37,5 милијарди. Во оваа сума не се вклучени акции и хартии од вредност. Податоци за другите квартали не се објавени, но Ројтерс пренесува изјави на „инсајдери“ дека трендот забрзано продолжил во текот на годината.

– Многумина богати луѓе, особено претприемачи, се плашат дека политиката во Берлин ќе скршне кон лево, без оглед какви ќе се покажат резултатите – вели Флорија Дирселен од „ЛГТ Швајцарија“ компанијата за управување со богатство.

Во обид да ја избегнат етикетата „пералница за пари“, швајцарските власти ги заострија критериумите за вложувања на банкарски сметки и сега се обврзани да споделуваат податоци за клиентите со даночните власти на нивните земји. Затоа денес богатите луѓе не можат како порано едноставно да ги префрлаат парите на своите сметки, но Швајцарија го задржи угледот како „најбезбедно место за парите“.

– Швајцарскиот финансиски центар го карактеризираат стабилноста, правната безбедност и високото ниво на финансиска компетитивност. Тој, сепак, повеќе не остава можности за затајување данок – вели претставник на Државниот секретаријат за меѓународни финансиски прашања.

„Испи четири-пет ракии со нас“: Приказни од градчето од каде потекнува Меркел

Меркел повика да се гласа за Лашет со цел „Германија да остане стабилна”

„Испи четири-пет ракии со нас“: Приказни од градчето од каде потекнува Меркел

Што ќе прави Меркел во нејзината пензија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот