ФОТО | Ова е официјално најубавата плажа во Европа за 2026 година и не е во Грција
Европа и во 2026 година ја избра својата најубава плажа, а првото место оди во Португалија — и тоа на место кое не е ниту Грција ниту некоја од класичните масовни летни дестинации, пренесува „Н1“.
Препорачано
Плажата Монте Клеригу (Praia de Monte Clérigo), сместена на португалскиот брег Коста Висентина на крајниот југозапад од Португалија, е прогласена за најдобра плажа во Европа според рангирањето на „European Best Destinations“. Таа е опишана како совршен спој на ненаметлив луксуз и недопрена природа.

Додека Европа во последните денови се соочува со топлотен бран, многумина токму сега сонуваат за бегство на море. Токму затоа ова рангирање секоја година привлекува големо внимание, бидејќи нуди преглед на најубавите и највредни плажи за посета.
Селекцијата се прави во неколку фази. Редакцискиот тим првично избира по десет плажи од секоја земја, кои потоа се оценуваат според природната убавина, пристапноста, содржините на плажата и целокупната атмосфера. Од нив се избираат 30 финалисти, а конечниот пласман го одредува меѓународно жири составено од патници од различни земји.
Според овогодишната листа, Монте Клеригу се издвојува како идеална дестинација за оние што бараат мир, природа и автентично искуство далеку од пренатрупаните туристички центри.
Плажата се наоѓа во рамки на природниот парк „Југозападен Алентежу и Висентинскиот брег“, што им овозможува на посетителите да уживаат и во бројни пешачки патеки и недопрени пејзажи.
Дополнителен фактор што влијае на нејзината популарност е и пристапноста, бидејќи според податоците, сместувањето во овој регион може да биде и до три пати поевтино во споредба со попознатите португалски туристички центри.
Второто место го зазеде плажата Вутуми на грчкиот остров Антипаксос, позната по ситните бели камчиња, кристално чистото море и зелените ридови што ја опкружуваат.
Третото и четвртото место повторно ѝ припаднаа на Грција, со плажите Фтери на Кефалонија и Елафониси на Крит. Италија се најде на петтото место со плажата Багљаско, додека Шпанија е присутна на шестото место со Кала Мескида на Мајорка.
Иако Норвешка не е типична летна дестинација, плажата Квалвика на островот Москенесоја во архипелагот Лофотен успеа да се најде на седмото место, благодарение на својата изолираност и недопрена природа, до која се стигнува само со пешачење.
Осмото место повторно ѝ припадна на Грција со плажата Ровинија на Крф, додека турската плажа Капуташ се најде на деветтото место. Десетката ја затвора уште една плажа од Крф — Палеокастрица.
1. Praia de Monte Clérigo (Португалија)
2. Voutoumi (Грција, Антипаксос)
3. Fteri (Грција, Кефалонија)
4. Elafonisi (Грција, Крит)
5. Baia del Bogliasco (Италија)
6. Cala Mesquida (Шпанија, Мајорка)
7. Kvalvika (Норвешка, Лофотен)
8. Rovinia (Грција, Крф)
9. Kaputaş Beach (Турција)
10. Paleokastritsa (Грција, Крф)


