Џефри Епстајн - Фото: AFP / AFP / Profimedia

ФОТО | Нови скандалозни фотографии од Џефри Епстин: Објавена е и понудата за „продажба“ на девојка

Демократите во Одборот за надзор на Претставничкиот дом на САД објавија нова серија фотографии поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Фотографиите вклучуваат патни исправи и лични документи од повеќе земји, како и видео-пораки во кои се споменува 18-годишно лице од Русија и наводна понуда од „1.000 долари по девојка“, пренесува „Пипл“.

Меѓу објавените материјали е и фотографија од пасош на украинска државјанка, со заматени лични податоци, како и скриншот од преписка со непознат испраќач, објави американскиот „Си-би-ес Њуз“. Во пораките се наведуваат податоци за личноста, вклучувајќи име, години, тежина и „град на поаѓање“, но сите лични податоци се прикриени.

Покрај тоа, објавени се фотографии на патни документи од Литванија, Украина, Чешка и Русија, со заматени податоци, како и јужноафриканска лична карта и италијанска возачка дозвола. Меѓу документите е и американскиот пасош на Епстин.

Џефри Епстајн – Фото: AFP / AFP / Profimedia

Некои фотографии прикажуваат цитати од романот „Лолита“ на Владимир Набоков, испишани на различни делови од женско тело, како гради, стапала, колкови, врат и долж грбот. Познато е дека Епстин во својата канцеларија во Њујорк го чувал првото издание на „Лолита“, роман за опсесија и сексуално злоставување на дванаесетгодишно девојче.

Претседавачот на демократската фракција во Одборот за надзор, конгресменот Роберт Гарсија, истакна дека демократите ќе продолжат да објавуваат фотографии и документи на Епстин „за да се обезбеди транспарентност пред американската јавност“. Тој нагласи дека, како што се приближува рокот за примената на Законот за транспарентност на досиеата на Епстин, новите фотографии отвораат дополнителни прашања за тоа што Министерството за правда поседува и повика документацијата веднаш да се објави.

Американската влада има рок до утре да го сподели целокупниот материјал во врска со Епстајн

Демократските членови на Одборот на 12 декември објавија нови фотографии, за кои велат дека потекнуваат од имотот на Епстин, а на кои се прикажуваат бројни влијателни личности поврзани со покојниот финансиски магнат, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон и основачот на Микрософт, Бил Гејтс.

Вкупно беа објавени 19 фотографии, а меѓу прикажаните се најдоа и британскиот милијардер Ричард Бренсон, некогашниот принц Ендру, поранешниот претседател на Харвард, Лари Самерс и адвокатот Алан Дершович.

Иако многу од овие личности веќе со години имаат познати или документирани врски со Епстин, новите материјали покажуваат поширок обем на контактите. На една фотографија се гледа чинија со кондоми со карикатура на лицето на Трамп и натпис „Трампов кондом – 4,50 долари“, додека на друга е фотографија на Трамп со шест жени со заматени лица.

Остатокот од фотографиите  го прикажуваат поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон со Епстин, Клинтон со Епстин и неговата партнерка Гислен Максвел, како и Гејтс со принцот Ендру.

Ниту една од објавените фотографии не прикажува сексуално недолично однесување или малолетници, а не е познато точно кога и каде се направени.

Фотографиите се дел од поширока истрага која ја води републиканскиот Одбор за надзор, кој од имотот на Епстин досега примил десетици илјади документи, електроснка пошта и други материјали.

Демократскиот конгресмен Роберт Гарсија соопшти дека најновиот сет содржи „повеќе од 95.000 фотографии“, вклучувајќи слики на многу јавни личности што поминале време со Епстин и повика Министерството за правда да ги објави сите досиеја.

Клинтон, Гејтс и Трамп претходно ги демантираа каквите било незаконски постапки поврзани со Епстин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот