ФОТО: На кајакарење по реката Дрим со македонскиот кајакарски мајстор Коста Хиохи

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Туристичка понуда која не е за пропуштање, и да сте почетник, и да сте искусни со кајак

Интересно за овие тури, посебно за оние на Дрим, е дека поминуваат покрај најживописните села на Дримколскиот регион, па така покрај самото веслање учесниците се запознаваат со најинтересните географски, историски и културолошки податоци за регионот и самите села.

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Стружанецот Коста Хиохи, повеќекратен првак во кајак, страста кон кајакарството сега ја споделува и со туристите, организирајќи тури на веслање кајак по Охридско Езеро и реката Дрим. Станува збор за пакети за неколку кајакарски тури со цел да се задоволат сите вкусови на туристите и во најдобро светло да им се претстави Струга со нејзините природни убавини.

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Покрај езерската тура, која опфаќа веслање кајак покрај „устата“ на Дрим, струшкото крајбрежје, и подводниот археолошки локалитет „Дримени“, се нуди и кајакарски спуст по реката Црн Дрим, кој во зависност од избраниот пакет може да биде кружен спуст со почеток од селото Ташмаруништа, околу островот на Дрим, месноста Теснец, Бигор и назад до појдовната точка, и голем спуст кој се состои во 14 км низводно веслање од Ташмаруништа до селото Глобочица.

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Што е тоа, според Вас, што Струга ја прави посебна, особено во летните денови?

– Она што Струга ја прави посебна воопшто, не само во летните денови, е секако реката Црн Дрим, која е една од ретките во светот што се излева од езеро. Обично останатите реки се влеваат во други реки, езера или мориња и така им завршува животниот пат. Дрим е затоа посебен и неодолив. Од друга страна самиот град е расположен на северниот брег на Охридското Езеро и секако поделен на две целини од реката која има сакрално значење за стружани.

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Каков е интересот, засега, за турите што ги организирате? Дали треба да се има претходно познавање за кајакарство за да се вклучиме на турата?

– Интересот е изненадувачки добар, бидеќи сè повеќе сме посетени од лица од најразлични страни на светот. Она на што посебно сум горд е фактот дека домашните туристи, а и локалното население, сè повеќе се интересира за нашите кајакарски активности. Нешто што не беше пракса изминативе години. Опремава која ја поседуваме е исклучително стабилна и безбедна, и секако специјализирана за аматери, дури и за оние кои никогаш претходно не веслале, благодарение на истечната вода и низводното веслање, не се пружа којзнае колкав напор. Па така, имаме кајакари од најразлични категории и профили. Најмладиот учесник кој ја извеслал големата тура имаше 10, а највозрасниот 64 години. За непливачите обезбедуваме безбедносна опрема, а за време на целата тура присутни се и лиценцирани спасувачи на вода, како и логистика од копно долж целиот спуст.

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Освен глетките што треба да се доживеат, дали преку турата се остварува и запознавање со историјата на Струга, на Езерото, на Дрим? Што е највпечатливо за странските учесници?

– Интересно за овие тури, посебно за оние на Дрим, е дека поминуваат покрај најживописните села на Дримколскиот регион, па така покрај самото веслање учесниците се запознаваат со најинтересните географски, историски и културолошки податоци за регионот и самите села. Највпечатлива и најинтересна е секако приказната за потопеното село Глобочица и голготата низ која минало месното население за повторното воскреснување на селото. Понатаму, приказната за свадбениот пат на јагулата која патувала илјадници километри до Саргатското Море каде што се мрестела и размножувала, и голем број приказни и преданија од прекрасниот Долни Дримкол.

Коста Хиохи
Фото: Приватна архива

Колку чини една тура, колку часа трае и што треба да понесеме со себе на ова возбудливо, авантуристичко патување?

– Формирањето на цената за турата е зависно од бројот на учесници. Со оглед на фактот дека организираме превоз за опремата и патниците од околу 50 км, ангажираме и стручен тим (водач, спасители, логистика), а се дели ужина и пијалаци, вредноста на турата се движи од 25-35 евра по лице. Најдолгатата тура трае 3, 5 до 4 часа, а она што учесникот треба да го понесе е само доброто расположение, за сè останато се грижиме ние!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот