Фото: „Слободен печат“

ФОТО | Многу емоции и музика за душа — Дац и Александар приредија незаборавна вечер за дамите

Под слоганот „Дамите бираат“ синоќа се одржа првиот, од двата закажани концерти на популарното македонско дуо Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, во МНТ, а по повод Денот на жената.

Пред самиот почеток на концертот, присутните беа пречекани во фоајето на МНТ со пијалак за добредојде и музика од диџеј Миле Ѓуриќ.

Концертот започна половина час по осум, а публиката уживаше речиси два часа, во вечер исполнета со љубов, емоции и музика што допира до душата.

Фото: „Слободен печат“

Дац и Александар преку песна, посебна сценографија и искрена емоција, на големата сцена на МНТ ја раскажаа заедничката приказна која трае веќе седум години.

– Приказната започнува пред седум години кога еден глумец и еден композитор се сретнаа на една забава и на една песна се „фатија“ заедно за еден микрофон. Тогаш Григор Компров рече: „Вие треба да направите песна, заедно“. На крај се убедивме и излезе нашата прва песна којашто се вика „Цреши охридски“ – раскажа Дац и го најави почетокот на концертот.

Во текот на двата часа тие ги изведоа нивните заеднички хитови, но и добро познати евергрини, кои нивната верна публика ги слуша на нивните настапи низ Македонија.

Фото: „Слободен печат“

Дуото беше придружувано од своите соработници и пријатели – бендот „Дрим тим“, а во текот на концертот како специјални гости на сцената се појавија, хорот на „Златно славејче“, Билјана Ѓошева, Дејан Николовски – Чуле од „Дрим тим“, и легендарните Росана Сариќ-Тодоровска и Виолета Томовска.

Во еден глас, заедно со Дац и Александар се пееја нивните песни „Уште ми фалиш“, „Воли ме, сакај ме“, „Душа бакшиш“, „Корона чао“, како и добро познатите „Оливера“ и „Девојка са чардаш ногама“ на Ѓорѓе Балашевиќ и „Кажи нешто драга“ на Драган Мијалковски. Публиката ги слушна и хитовите „Срце тетовирано“ и „100 проценти фанки“ на Александар Митевски.

Фото: „Слободен печат“

Добрата атмосфера во салата на МНТ ги понесе присутните да станат од своите столчиња и да танцуваат во ритамот на музиката во текот на целиот концерт.

Вечерта беше полна и со многу изненадувања, Дац ја рецитираше „Умилкување “ од Петре М. Андреевски, на сцената се појавија нивните сопруги Весна и Ана, а публиката беше сведок и на едно запросување.

Фото: „Слободен печат“

Концертот заврши со песната „Уште ми фалиш“, за чија изведба овој пат на сцената беше повикан и Никола Кимовски, директорот на МНТ, кој му се придружи на бендот и засвире на тапани.

По концертот видно расположената публика уживаше во опуштен коктел, со музиката на Боби Јоргушевски, додека имаа можност да се дружат со ѕвездите на вечерта – Дац и Александар.

Фото: „Слободен печат“

За „Слободен печат“, Дац накратко ги откри своите први впечатоци од оваа магична вечер.

– Успеавме да ја дигнеме публиката на нозе. Мислам дека беше убав концерт и ние сме задоволни. Целиот бенд е задоволен, убаво помина сѐ – изјави Дац.

Вториот концерт „Дамите бираат“ на Дац и Александар е закажан за вечерва, 7 март во салата на МНТ.

Фото: „Слободен печат“
Фото: „Слободен печат“
Фото: „Слободен печат“
Фото: „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот