„Рибља чорба“ - Фото: Вангел Тануровски

ФОТО | Минута бучава место минута молк за Бора Ѓорѓевиќ во Скопје: „Рибља Чорба“ е тажен бенд без него

„Рибља чорба“ без Бора Ѓорѓевиќ како фронтмен е тажна слика на сцената за фановите на култниот српски бенд, и доказ колку за еден човек може да се каже дека го носел имиџот на групата.

„Чорба“ со новиот пејач Јован Јефтиќ, познат како Јоца Змај настапи вчера во Скопје, во рамките на фестивалот „Скрим“ во Арената „Борис Трајковски“ кој го организира „Прагма“ продукција. Се одржаа три концерти во една вечер, на „Рибља Чорба“, Влатко Стефановски со неговото трио и „Галија“.

Новиот пејач на „Рибља чорба“, Јоца Змај / Фото: Вангел Тануровски

За Јефтиќ не може да се рече дека е лош пејач, тој на Бора му бил придружен вокал долги години. За „Рибља чорба“ не може да се каже дека после речиси половина век се лош бенд. Но, без главниот напред, ако ги следите од подалеку без да обрнете внимание дека старите членови Мирослав Милатовиќ-Вицко на тапани и Видоја Божиновиќ-Џинџер на гитара се на сцената, се чини како да слушате еден добар кавер бенд на „Чорба“. Убава симболика е, ама уште потажно е што концертот се одржа на денот кога Бора е роден. Тој на 1 ноември ќе наполнеше 73 години.

– Боро, брате, многу ни недостигаш. За човек како него не можам да барам минута молк, туку минута бучава. Денеска ќе беше неговиот роденден“, рече Јоца Змај, а публиката една минута аплаудираше и скандираше во чест на Ѓорѓевиќ.

Верните фанови на Бора Чорба / Фото: Вангел Тануровски

Јефтиќ користи и изрази кои Бора го користеше кога ги најавуваше баладите, по малку вулгарни, но нему својствени на кои публиката секогаш се смееше. Бендот има и дел од старите кореографии, она кога двајцата гитаристи ќе му се доближат на пејачот и сите заедно се движат во ист ритам, но еден човек во публиката, очигледно верен фан на „Чорба“ искоментира: „Не е тоа тоа, кога го нема стариот да се мрда напред-назад“.

Публиката пееше и врескаше на култните хитови на кои многу генерации растеле и се вљубувале. „Лутка са насловне стране“ која Јефтиќ ја најави како „песна без која нема ниту една екскурзија“ фановите испеаа сами, без инструменти, акапела како во времето на Бора. Но, недозволиво е еден концерт на „Чорба“ да помине без „Два динара друже“, „Остани ѓубре до краја“, „Немој да идеш мојом улицом“ и уште многу други без кои исто така не поминуваат екскурзии ни седенки со гитара.

Уште еден минус е што никој не го спомена Миша Алексиќ, бас гитаристот на „Чорба“ кој почина пред неполни 5 години, на 29 ноември во 2020, што Ѓорѓевиќ секогаш го правеше. Сè на сè, нема ништо лошо во тоа што „Рибља Чорба“ продолжи да ги пее песните на Бора кој почина на 4 септември лани, но до срцата на вистинските фанови, тие секогаш ќе допрат повеќе кога ќе ги слушаат на снимка отколку во живо, без неговиот глас. Иако во последните години од животот, Бора Чорба потешко се движеше и имаше здравствени проблеми, тој до последно пееше моќно и ги одржа провокативниот хумор и дозата на цинизам со која реално го опишуваше нашето живеење.

Публика од сите генерации / Фото: Вангел Тануровски

„Влатко Стефановски трио“ настапија по „Рибља чорба“, а всушност беа квартет, засилени со познатиот музичар Дамир Имери на клавијатури.

– Да им дадеме голем аплауз и поддршка на овие млади музичари, Иван Кукиќ на бас и Јан Стефановски на тапани“, рече Стефановски кој направил вистински избор со членовите на бендот, во однос на квалитетот на музичарите.

Стандардно виртуозен во своите изведби, Влатко е познат и по тоа што секогаш „во два збора“ знае да го каже најважното. Такви се и неговите стихови, без многу филозофии, едноставни, директни, уникатни и точни.

– Никогаш од мојата публика не барам да пее со мене, не ја оставам самата да го пее рефренот, но оваа песна сите ја знаете, па ако можете, би било убаво да ни се придружите“, рече тој во најавата на „Џипси меџик“.

За „Бистра вода“ побара да ја слушнеме во мир и тишина, а нè почести и со неколку стари добри од „Леб и сол“ како и со рокенрол химната која му ја посвети на нашиот град, „Скопје“ од 1987 година на крај.

„Галија“/ Фото: Вангел Тануровски

За „Галија“ не треба да се зборува многу, освен дека се бенд кој исклучиво само поради добрите песни и чистиот и силен вокал на Ненад Милосављевиќ-Неша ја одржаа популарноста речиси 50 години. Неша е „стара школа“. Уште ѝ се обраќа на публиката со „дами и господа“, уште искрено се смее од среќа кога ќе го надвикаат пеејќи ги „Додирни ме“ или „Трубе“, уште раскажува по некоја љубовна приказна меѓу песните кои токму поради чистата љубовна порака во нив траат половина век.

Штета што вакви бендови не успеаја до крај да ја наполнат салата „Борис Трајковски“ за разлика од ланскиот фестивал „Скрим“ каде што сите места беа пополнети, а свиреа „Црвена јабука“, „Галија“ и „Прљаво казалиште“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот