Маја Оџаклиевска / Фото: Фејсбук/Маја Оџаклиевска

ФОТО | Маја Оџаклиевска изгледа одлично на 72 години — музичката легенда доби награда за животно дело

Маестрална, елегантна и со уникатна харизма, Маја Оџаклиевска блесна на годинашното издание на фестивалот „Белградска пролет“, каде што заслужено ја доби наградата за животно дело.

На сцената, 72-годишната Оџаклиевска изгледаше одлично – стилски дотерана во елегантен, краток фустан, со впечатлив сценски настап и енергија што и понатаму ја потврдува нејзината уметничка виталност. Таа го испеа својот голем хит „Даљине“ и со својот изглед и самодоверба уште еднаш покажа дека вистинскиот стил и шарм не познаваат години. Публиката ја поздрави со долги аплаузи, а нејзиното присуство внесе посебна емоција во вечерта посветена на музичките легенди.

Фото: Фејсбук/„Белградска пролет“

Годинашното издание на фестивалот имаше силна симболика – се одбележаа 65 години од првото издание, одржано на 17 април 1961 година, кога започна традицијата што изгради генерации музички великани. Настанот беше посветен токму на тие имиња кои оставија неизбришлива трага во историјата на „Белградска пролет“.

Покрај Оџаклиевска, награди за животно дело добија и Борис Бизетиќ, Лео Мартин, Нада Павловиќ и Радмила Караклајиќ, додека признанија им беа доделени и на Жарко Данчуо и Драган Мијалковски.

На сцената настапија и Душан Свилар, Принц од Врање, Наташа Михајловиќ, Зејна и нашите Ана Петановска и Даниел Кајмакоски, изведувајќи песни од легенди како Бети Ѓорѓевиќ, Бисера Велетанлиќ, Оливер Драгојевиќ, Арсен Дедиќ, Габи Новак и Лола Новаковиќ.

Посебен момент беше појавувањето на Ладо Лесковар, кој доби признание во 2022 година, а годинава му беше врачена монографијата „Април у Београду“ од Бранислав Кланшчек.

Фестивалот заврши со заедничка изведба на безвременскиот хит на Здравко Чолиќ, со што уште еднаш се потврди духот на „Белградска пролет“ како симбол на традицијата, емоцијата и врвната музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот