ФОТО | Колекција од свет накит која се поврзува со останките на Буда вратена во Индија по 127 години
Аукциската куќа „Сотби“ врати во Индија колекција од свет накит за кој се верува дека ги придружувале останките на Буда, откако се соочи со зголемен притисок од индиската влада и светските будистички лидери, пишува Би-би-си.
Препорачано
Комплетот познат како „Скапоцености Пиправа“ – опишан од археолозите како едно од најневеројатните откритија на модерното време – требаше да биде понуден на аукција во Хонг Конг во мај. Сепак, продажбата беше откажана по дипломатска интервенција и најавата за судска постапка од Њу Делхи.
Како што објави „Сотби“, колекцијата ја купила индиската корпорација „Годреј Индустрис Груп“, со седиште во Мумбаи, која работи во неколку сектори и има повеќе од една милијарда корисници ширум светот.
„Со големо задоволство го олеснивме враќањето на оваа скапоцена колекција по два месеци преговори меѓу сопственикот, новиот купувач и индиската влада“, соопштила аукциската куќа, додавајќи дека скапоценостите ќе бидат на постојана јавна изложба во Индија.
A joyous day for our cultural heritage!
It would make every Indian proud that the sacred Piprahwa relics of Bhagwan Buddha have come home after 127 long years. These sacred relics highlight India’s close association with Bhagwan Buddha and his noble teachings. It also… pic.twitter.com/RP8puMszbW
— Narendra Modi (@narendramodi) July 30, 2025
Веста официјално ја објави индискиот премиер Нарендра Моди, кој го нарече враќањето на светиот накит „горд и радосен момент“ и „победа за културното наследство“. На социјалната мрежа Икс, тој рече дека скапоценостите „се враќаат дома по 127 години“.
Во официјално соопштение од индиската влада, потпретседателот на „Годреј Индустрис Груп“ , Пиројша Годреј, рече: „Голема чест ни е да учествуваме во овој историски момент. ‘Скапоценостите Пиправа’ не се само артефакти – тие се вечни симболи на мир, сочувство и заедничко наследство на човештвото“.
Овој свет накит е откриен во 1898 година кога Вилијам Клакстон Пепе, англиски менаџер за имот, ископал будистичка ступа во Пиправа, во северна Индија, недалеку од родното место на Буда. Меѓу пронајдените предмети имало околу 1.800 бисери, рубини, сафири и златни прачки, закопани заедно со фрагменти од коски за кои натписот на урната тврдел дека му припаѓале на самиот Буда.
Пепе ги предал повеќето од моштите на колонијалната влада на Британска Индија. Остатоците од скелетот му биле дадени на тогашниот крал на Сијам (денешен Тајланд), додека други предмети биле испратени во денешниот Индиски музеј во Калкута.
Но, еден дел од колекцијата – околу 300 парчиња накит – останал во приватна сопственост на семејството на Пепе повеќе од еден век. Во текот на 2023 и 2024 година, дел од колекцијата беше прикажана на јавноста, вклучително и на изложба во Метрополитен музејот во Њујорк. Скапоцените камења беа прикажани и на изложби во Хонг Конг во февруари и мај.
Планираната аукција предизвика жестока јавна дебата. Многу експерти и религиозни авторитети се прашуваа дали е етички прифатливо светите предмети, особено оние поврзани со човечки останки, да се третираат како стока за продажба.
„Дали реликвиите на Буда се стока што може да се продаде како уметничко дело?“, прашал историчарот на уметност од Њу Делхи, Наман Ахуџа, во разговор за Би-би-си.
Крис Пепе, правнук на Вилијам Пепе, во мај изјави дека семејството размислувало за донација, но дека сите опции се покажале како проблематични и дека аукцијата изгледа како „најфер и најтранспарентниот начин за пренесување на реликвиите во будистичкиот свет“.
Тој изјави дека манастирите што ги посетил не ги сметаат за телесни реликвии и дека шпекулациите за нивната светост се „академска конструкција“ што не ја делат дури ни будистите кои се запознаени со историјата на наодот.
По негативните реакции и преговорите со индиската влада, аукцијата беше одложена на 7 мај, а една недела подоцна започнаа официјалните преговори за трајно враќање на колекцијата.
Оваа недела, „Сотби“ го потврди враќањето и му се заблагодари на семејството Пепе за зачувувањето на накитот и соработката со аукциската куќа и Владата на Индија „со добра волја за постигнување на овој историски исход“.


