ФОТО | Инциденти на денешниот натпревар во Тетово: Судиите биле гаѓани со скалпел и други предмети
Денеска во 20. коло од Првата фудбалска лига на Македонија се сретнаа екипите на Шкендија и Пелистер кој заврши со победа на домашниот состав од 2-1, но дуелот во Тетово не поминал и без инцидент.
Препорачано
Според информациите од Фудбалска федерација на Македонија, во 57. минута, за време на измена на играчи, од трибините кон теренот летале разни предмети. Четвртиот судија бил погоден со паричка и запалка, а во службениот извештај е нотирано дека биле фрлани и потенцијално опасни предмети, меѓу кои и скалпел.
„Се поставува прашањето, што доколку судијата бил погоден од скалпел? Чија би била одговорноста во тој случај?
По завршувањето на натпреварот, надворешно лице влегло на теренот за игра и упатувало закани кон главниот судија и асистентот. Во тие моменти, дел од публиката започнала повторно да фрла предмети кон теренот, по што судискиот тим, кој веќе се упатил кон соблекувалните, бил принуден да се врати назад на теренот од безбедносни причини.
По влегувањето во подтрибинскиот простор, истото лице кое претходно упатувало закани ги чекало судиите пред судиската соблекувална и повторно трчајќи кон нив упатувало закани. Главниот судија побарал од присутните службени претставници, лицето да биде отстрането.
Според наводите во извештајот, директорот на клубот, Цуцули, изјавил: „Оставете го, тој е син на газдата“.Понатаму, во извештајот се наведува дека било побарано од делегатот на натпреварот настанот да биде евидентиран во записникот, по што лицето се упатило кон излезот со цел да не биде идентификувано.
Сите овие настани се службено констатирани и ќе бидат предмет на разгледување и постапување од страна на надлежните дисциплински органи согласно важечките прописи“, соопшти ФФМ.

ВИДЕО: Ибраими со два гола ја водеше Шкендија до победа над Пелистер


