smart

ФОТО | И покрај забраната за градење, во Охрид се гради на големо, охриѓани се жалат на големата бучава

Општина Охрид донесе забрана за градежни активности која почна да важи на 1 јули па се до 31 август. Забраната се однесува на целиот простор јужно од булеварот „Туристичка“ на потегот од „Билјанини извори“ до реката Даљан, потоа на просторот 50 метри над булеварот „Туристичка“, како и на туристичките локалитети, почнувајќи од Студенчишкиот канал, сѐ до Свети Наум.

Но и покрај забраната, охриѓани се пожалија до редакцијата на Слободен печат дека инвеститорите градат и не ја почитуваат истата.

„Еве веќе втора недела до хотелот Магнус во населбата Даљан си продожуваат со градежни активности на изградба на огромна зграда а во радиус од само 50 м се наоѓаат повеќе населени станбени згради, па ни се трпи ни се издржува, од 4 часот сабајле па цел ден трескаат, користат тешка механизација, моторни пили, сечат железа ни се спие ни се издржува, повеќе пати е реагирано до Општина Охрид и не сакаат воопшто да реагираат, јас сфаќам дека не им гајле за туристите и туристичката сезона, но овде има луѓе што постојано живеат па и ние имаме душа, па и ние сакаме да одмориме, на крај краишта Општина Охрид треба да им служи на граѓаните, па ние ги плаќаме од нашите даночни пари за нивните институции да им служат на граѓаните, да ги заштитуваат, а не вонзаконски да им служат на нечии туѓи интереси на штета на сопствените сограѓани“ пишува еден граѓанин.

smart

Тој додава дека на објектот се работи интензивно без прекин, за што ни достави и фотографии.

„Пред неколку дена “фрлија“ нова плоча на зградата, па одма ги шаловаа столбовите за наредната плоча, еве денес и столбовите ги направија, во прилог ви испраќам фотографии како денес машински со миксер за бетон на лице место ги полнат столбовите за наредната плоча“ пишува тој.

При вршење контроли инспектори констатирале дека се гради за време на забрана, но поради конструктивни причини и неодложни градежни активности, со цел да не настанат последици од материјален или безбедносен аспект, инспекторите донеле решенија со кои на инвеститорите им се дозволува во рок од 5 дена да ги довршат започнатите работи.

Ако не се почитува одлуката за забрана, следи кривична одговорност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот