Фото: Nikon Comedy Wildlife / Марк Мет-Кон

ФОТО | Горила танцува во шума, две жаби се борат во вода: Погледнете ги најсмешните фотографии со диви животни за 2025 година

Конкурсот на „Никон“ за наградите за најсмешна фотографија со диви животни има цел да промовира зачувување на природата преку хумор и исклучителна фотографија, а фантастичните фотографии од година во година носат насмевки на милиони лица.

Добитник на овогодинашните награди е Марк Мет-Кон, страствен аматерски фотограф за диви животни од Велика Британија, кој ја освои главната награда за смешната фотографија со наслов „Дај пет“.

Тој ја долови совршената снимка од горила која танцува низ шумска чистина во Руанда. Оваа комична сцена се издвои меѓу рекордните 10.000 поднесени дела од 109 земји, што е најголем број во единаесетгодишната историја на наградата.

Од оваа колекција, 44 апликации беа во потесен избор, од кои жирито ги избра своите фаворити. Конкуренцијата беше посилна од кога било, но фотографијата на Марк се издвои како фаворит меѓу судиите и ја освои наградата во категоријата цицачи.

– Поминавме четири незаборавни дена патувајќи низ магливите планини на Вирунга, во потрага по семејства горили што живеат таму. Тој ден наидовме на голема семејна група позната како семејството Амахоро. Собрани на чистина од шума, возрасните горили мирно бараа храна додека младенчињата играа енергично. Еден млад мажјак беше особено желен да ги покаже своите акробатски вештини: пируети, превртувања и високи удари со нога. Неговиот настап беше чиста радост за гледање, и јас сум пресреќен што успеав да го доловам неговиот разигран дух – изјавил победникот за фотографијата.

Марк, кој беше во финалето минатата година, вели дека една од неговите доживотни фотографски амбиции е да ги фати големите мачки на африканските рамнини.

Тој ќе ја има таа можност сега, бидејќи како победник освои сафари во Масаи Мара во Кенија, како и уникатен рачно изработен трофеј од „Вондер вркшоп“ во Танзанија.

За моментот кога дознал дека победил, Марк рече: „Успехот во кој било натпревар покажува дека вашите фотографии допираат до публиката. Наградите за див свет на ‘Никон’ се еден од најголемите натпревари во годината – лесен за учество, забавен, но со сериозна порака зад себе – и откако бев финалист минатата година, апсолутно сум воодушевен што отидов чекор понатаму и победив.“

Фото: Nikon Comedy Wildlife / Грејсон Бел

Награди беа доделени и во други категории, а ова се победниците:

Грејсон Бел  – добитник на наградата за млади фотографи на „Никон – 16 години и помлади“, но исто така и во категоријата „Влекачи, водоземци и инсекти“ за неговиот впечатлив крупн план „Крштевање на неволниот преобратен“, приказ на две жаби кои се борат во вода.

Паула Рустемајер  – победник во категоријата „Никон – 25 години и помлади“ со фотографија од разиграни лисици „Сите на подиумот за танцување“.

Фото: Nikon Comedy Wildlife / Паула Рустемајер

Татјана Еп – победник во категоријата „Никон видео“ за брилијантна снимка од чапја што „сурфа“.

Ворен Прајс – добитник на наградата „ThinkTANK Bird“ за совршено снимена фотографија „Заклучување на главата“.

Џени Сток – добитник во категоријата „Риби и други водни животни“ за фотографијата „Насмевка“.

Меги Хофман – добитник во категоријата „Портфолио“ за колекција од четири фотографии насловена „Потрагата по злато“, на кои е прикажано вредно шимпанзо како си го чепка носот.

Фото: Nikon Comedy Wildlife / Ворен Прајс

Десет автори добија пофалби: Валтери Мулкахајнен, Мелина Елвангер, Ерко Бадерман, Калин Ботев, Кристи Гринтон, Брет Салветер, Лилијан Лука, Алисон Так, Анет Кирби и Марк Мет-Кон.

Победниците беа објавени на гала вечера во Лондон, а фотографиите беа изложени во галеријата „Oxo“.

Фото: Nikon Comedy Wildlife / Џени Сток

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот