Фото: Lyu Bin / Xinhua News / Profimedia

ФОТО | Годината на „тажниот коњ“: Случајна грешка во производство на кукла направи хаос во Кина

Во меѓународниот трговски град Јиву, најголемиот пазар на големо во Кина, се појави возбуда за неочекуван бестселер пред Лунарната Нова Година. Имено, играчката „тажен коњ“ создадена по грешка во производството стана вистински хит, пренесува „Ројтерс“.

Предметот што привлекува внимание е црвен плишан коњ со натажена уста, златно ѕвонче околу вратот и очи кои како да го одвраќаат погледот. Играчката станала вирална на кинеските социјални медиуми пред празникот, кој оваа година ја одбележува годината на коњот во кинескиот зодијак.

Играчката која на интернет беше наречена „тажен коњ“, првично била дизајнирана како насмеана новогодишна декорација. Нејзиниот тажен израз е резултат на грешка во производството.

– Работниците случајно ја сошиле устата наопаку – рекла Жанг Хуокинг, сопственичка на продавницата „Хепи систер“ со седиште во Јиву.

Фото: Lyu Bin / Xinhua News / Profimedia

Жанг рекла дека првично понудила враќање на парите откако ја открила грешката, но купувачот никогаш не ја вратил играчката. Набргу потоа, таа открила фотографии од играчката што кружеле на интернет.

– Луѓето се шегуваа дека тажниот коњ претставува како изгледате на работа, додека насмеаниот коњ претставува како изгледате по работа – рекла таа.

Како што побарувачката растела, таа одлучи да продолжи да ја произведува верзијата со тажно лице. Популарноста на играчката го одразува расположението на многу млади работници во Кина, од кои некои велат дека натажениот израз ги одразува долгите часови и стресот на работното место.

Исто така, се вклопува во поширокиот тренд на таканаречени „грди слатки“ играчки, популаризирани во последниве години како чудовиштето Лабубу на „Поп Март“.

– Тоа е видот на емоционална вредност што младите луѓе ја бараат овие денови – рекла Лу Женксијан, продавачка од Јиву, која продава празнични играчки повеќе од 25 години.

До раните попладневни часови, купишта тажни коњи веќе биле распродадени, а персоналот брзал да ги надополни полиците.

– Ќе продолжиме да го продаваме. Овој тажен коњ навистина одговара на реалноста на современите работници – заклучила Жанг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот