ФОТО | Ѓорѓиевски: Средбата со Арсовска беше протоколарна, следува длабока ревизија на претпријатијата и ребаланс на Буџетот
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го доби Уверението за избор на градоначалник на Скопје, по што подоцна во 15 часот се сретна со сега веќе претходната градоначалничка Данела Арсовска, средба зад затворени врати која траеше скоро еден час, а откако заврши средбата Арсовска набрзина влезе во нејзиниот автомобил и си отиде, додека пак Ѓорѓиевски за медиумите изјави дека средбата била протоколарна.
Препорачано

„Добро, ова беше протоколарна средба. Не гледав на часовникот, мислам дека многу помалку од еден час беше. После која имаше присуство и на нотар, за да го депонираме својот потпис и сè останато. Нормално е во примопредавање да имаме една протоколарна средба“, накусо брифираше Ѓорѓиевски за средбата со Арсовска.
Сепак, тој не штедеше зборови за вечерашниот почеток на 72-часовната „форца“ за чистење на градот, како и при најавувањето на ребаланс на буџетот, реорганизација на претпријатијата и започнување на, како што вели тој, блокираните и заглавени проекти како булеварот „Борис Трајковски“ и двата моста, едниот на „Љубљанска“ и „Михајло Апостолски“.
„Ќе спремаме брз ребаланс којшто ќе треба скоро да го донесеме. Ребаланс којшто ќе содржи нови проекти кои што ќе ги започнеме и ќе се фокусираат во градот Скопје, но и оние проекти кои што останале недовршени во изминатиот период. Ќе се фокусирам наредниот период да бидат конечно одблокирани и да имаат брз расплет, односно брза реализација. Како клучни моменти, булеварот „Борис Трајковски“, двата моста, едниот на „Љубљанска“ и „Михајло Апостолски“, генерално во Аеродром, – нагласи Ѓорѓиевски.
Во однос на ситуацијата во „Комунална“ и бројот на возила со кои тие ќе ја извршат оваа еко-акција, тој додаде дека на располагање имаат 16 оперативни возила, додека пак останатите возила ќе бидат донесени на испомош од повеќе општини и градови од внатрешноста, а најави и темелно чистење на кејот, градскиот плоштад, како и перење на градските улици.
„Во понеделникот имаше 16 исправни возила од Комунална хигиена, мислам дека до вечерва ќе успееме да имаме околу 40 возила на располагање. Дополнително ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе бидат вклучени цистерни за перење на улиците. После долго време ќе ги переме и улиците во главниот град, плоштадот ќе се пере вечерва, кејот сериозно ќе се чисти и ќе се пере, така што дел по дел ќе ги ревитализираме и јавните претпријатија, да ги доведеме во нормала“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека денеска исто така ќе се сретне и со раководителите на секторите во Градот, а најави длабока ревизија на сите претпријатија за да се утврди дали и каде имало злоупотреби, како и разрешување на сите директори и ќе бидат заменети со нови луѓе од неговиот тим.
„Веќе дадов насоки на дел од моите соработници кои што се во комуникација со директорите на јавните претпријатија, да се утврди дали сите оние кои што правеле злоупотреби на своите работни места, а биле платени од граѓаните, особено оние кои што не оделе на работа, а земале плата, да бидат отстранети уште денес. Без тактизирање и без разлика на тоа од која политичка партија, вера или нација доаѓаат. Апсолутно ќе следи ревизија за сите јавни претпријатија и ревизија ќе има во Градот Скопје“, рече новиот градоначалник на Скопје.
За крај, тој нагласи дека „неговиот стил на дејствување ќе биде практично како да е директор на сите претпријатија, односно целосна одговорност за сето функционирање на Градот без изговори и вперување прсти кон било кого“.


