ФОТО | Цртежот на Микеланџело за фреската на Систинската капела наскоро ќе оди на аукција
Аукциската куќа „Кристис“ на 5 февруари следната година ќе понуди на наддавање досега непознат цртеж на италијанскиот ренесансен уметник Микеланџело, направен како скица за фреска на таванот на Систинската капела. Првата позната студија за сликата на таванот на Систинската капела што некогаш се појавила на аукција е проценета меѓу 1.3 и 1.7 милиони евра.
Препорачано
Како што пишува порталот „Арт дејли“, станува збор за една од околу 50-те студии што му претходеле на осликаниот циклус во ватиканската Систинска капела, од вкупно приближно 600 зачувани цртежи на Микеланџело.
Цртежот претставува подготвителна студија за десното стапало на Либиската Сибила, фигура што уметникот ја создал околу 1511 година. Микеланџело ја прикажува оваа моќна фигура во динамична, извиткана поза. Стапалото е свиено, а прстите притискаат на платформата која ја држи тежината на телото. Скицата е дел од препознатливите цртежи направени со црвена креда, карактеристични по посветеноста на анатомските детали, енергичните цврсти линии и суптилните корекции што уметникот ги правел директно на листот додека ја планирал композицијата.

Аукциската куќа „Кристи“ го набавила цртежот преку онлајн платформа на која поединци можат да побараат приближна проценка на делото што го поседуваат. Пред аукцијата во февруари, делото ќе биде изложено во галеријата на куќата во Њујорк.
Микеланџело на таванот на Сикстинската капела ги насликал „Создавањето на Адам“ (Creazione di Adamo) и бројни други сцени. Сликата со испружениот прст на Бог, кој му вдахнува живот на Адам, е еден од најпрепознатливите мотиви во историјата на уметноста.
Нарачката за осликување на таванот Микеланжело ја добил од папата Јулиј Втори. Целиот таван, дури 520 квадратни метри, го осликувал сам, во периодот од 1508 до 1512 година.


