Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ

ФОТО | Богатство од половина милион книги во градот – 80 години библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Скоро и да не постои скопјанец кој не влегол во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Овој простор осум децении е закрила за бројни, студенти, научници, новинари, деца, пензионери, писатели, туристи, љубители на книгата…

На 15 ноември далечната 1945 година, кога библиотеката започнала со работа имала фонд од 3.500 книги од кои само 500 книги детска литература. Денес библиотеката има импозантен фонд од над половина милион книги.

Под слоганот „Дом на сите приказни“ на денешен ден, 15 ноември, се одбележа 80 годишното постоење на една од најстарите културни институции во градот.

Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ

Свечената церемонија беше отворена со македонската химна, а веднаш по неа беше изведена и поетската химна на оваа институција, најпознатата и најпреведувана македонска песна, антологиската „Т’га за југ“ од Константин Миладинов.

Во време кога читањето е сè помалку присутна вештина, улогата на библиотеките, според директорката на библиотеката, г-ѓа Снежана Стојчевска е поважна од кога и да е.

Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ

– Последиците од тоа што го занемаруваме читањето веќе ги чувствуваме и гледаме кај новите генерации. Намалено ниво на функционална писменост, тешкотии во концентрацијата и пораст на зависноста од екрани. Податоците за жал укажуваат на тоа дека нашата читателска публика старее, а младите се се поретки посетители на библиотеките, Наша задача е да создадеме читатели од најрана возраст, Инспиративен пример ни доаѓа од Полска каде секое новороденче добива за подарок комплет книги од државата и членска карта за библиотека – вели Стојчевска.

Обраќајќи се пред публиката, Стојчевска поентираше дека библиотеките не се трошок туку инвестиција на образованието, културата и иднината на една држава.

Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ

Храм на книгата вака градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја нарече библиотеката.

– Историјата на библиотеката „Браќа Миладиновци“ е тесно врзана со општествениот културниот и просветниот развој не само на нашиот главен град туку и на целата држава. Односно историјата на оваа установа е поврзана и со развојот на Република Македонија. Таков е и целиот раст на библиотеката како една од најголемите скопски и македонски институции на културата. Со своите четири централни библиотеки, 14 библиотеки подружници низ целиот град и еден библиобус (автобус кој превезува книги), градската библиотека е широка распространета мрежа отворена за сите. Осум децениската традиција на една страна и стремежот да се одговори на предизвиците на модерното време од друга страна се главниот поттик оваа библиотека и понатаму да биде храм на книгата, знаењето, високите книжевни и естетски вредности, но и важно средиште на културниот живот во нашата метропола – рече Ѓорѓиевски.

На крајот присутните имаа можност да уживаат во кохезија на две уметности во исто време. По повод јубилејот беше поставена изложба на дел од збирката стари и ретки книги од фондот на библиотеката што ја приредија советник библиотекар Јулија Темелкова и виш библиотекар Билјана Аџиовска – Панџарова.

Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ

Ова беше ретка можност да се видат раритетни книги од 1566 до 1954 година, книги значајни за науката, културата и уметноста кои имаат непроценлива историска вредност.

Покрај изложените книги публиката се воодушевуваше и на постојаната поставка на уметнички слики, акварели и цртежи од современата ликовна уметност, ремек-дела на Македонската Модерна, меѓу кои и слики на тројцата доајени, Димитар Аврамовски Пандилов, Вангел Коџоман и Томо Владимирски, како и плејада на истакнати ликовни уметници кои оставија силен печат во современата македонска уметност.

Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ
Фото: „Слободен печат“ / Александра Вуксановиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот