Фондот за иновации за две години исплатил 750.000 евра за хонорари на надворешни соработници

Фото: Архива

Фондот за иновации (ФИТР) за период од две години потрошил 750 илјади евра за хонорари на надворешни соработници, пишува во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој се однесува на периодот од 2019 до 2021 година, во однос на кофинансираните грантови за микро, мали и средни претпријатија.

„Ревизијата смета дека ангажирањето лица со договор за дело, и покрај обезбедената согласност од надлежното министерство, придонесува за нетранспарентност и субјективно постапување при склучување на договори и одредување на месечниот надоместок за работниот ангажман на лицата кои се континуирано ангажирани во ФИТР подолг временски период“, се вели во извештајот на ДЗР.

Во истиот период од две години, Фондот исплатил 260 илјади евра за експерти, чија задача била „евалуација и стручно мислење за проектите“. Ревизорите забалежуваат и дека ниту имало комисија за оцена на стручните лица, ниту биле интервјуирани и тестирани за да се оцени нивната стучност. ДЗР наведува и дека Фондот нема компетентен кадар за реализирање и мониторинг на проектите што ги финансира.

„Доделувањето на финансиска поддршка е сложен процес, а за следење и контрола на реализацијата на договорите е потребен стручен и компетентен кадар, со кој ФИТР во периодот на вршење на ревизија не располага, поради што не може да одговори на предвидените обврски од склучените договори“, констатира ДЗР во извештајот.

„Фондот за иновации исплатил 9,7 милиони евра врз основа на нови мерки и инструменти кои ги нема ниту во Стратегијата, ниту се дефинирани во Законот за иновациска дејност“, констатира ДЗР.

Корисниците на грантови не доставуваат навреме извештаи за исполнетоста и спроведеното, констатираат државните ревизори. Според извештајот, во ФИТР недостасува централизирана база со податоци за доделената финансиска поддршка и не може да се следи како се трошат парите, односно како се реализираат проектите од почеток до крај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот