Промоција на книгата на фестивалот „Флипбук“ во Кинотеката / Фотографија: Тамара Радојковиќ

„Флипбук букс“ го објави новиот албум со карикатури на Тоде Ристо Блажевски

Покрај проекциите на стотина анимирани филмови на петтото издание на фестивалот „Флипбук“ се одржаа промоции на четири книги, кои ги поврзуваат анимацијата и филмот.

Една од промовирание книги е со наслов „Кон Европа – по наш пат“ на Тоде Ристо Блажевски. Главен и одговорен уредник на „Флипбук“ е Жарко Иванов, уредник на изданието е Дарин Ангеловски, промотор на книгата на фестивалот беше Александар Прокопиев, а предговор во книгата напиша Владимир Јанковски.

– Книгата, или во жаргонот на карикатуристите, албумот „Кон Европа – по наш пат“ опфаќа стотина карикатури со различна тематика работени во различни техники. Покрај класични цртежи и акварели има карикатури што се работени дигитално, односно на компјутер, а некои карикатури се доближуваат до сликарските техники. Ова му овозможува на авторот да има поширок опсег не само во однос на она што го кажува, туку и како тоа го кажува. Од друга страна, авторот добива можност одредена идеја да ја поврзе со специфичниот ликовен израз, со цел да се постигне посуштински дијалог меѓу текстуалното и визуелното, односно ликовното – посочува Јанковски.

Тоде Ристо Блажевски е карикатурист, хуморист, есеист, аниматор и сликар роден на 6 мај 1948 година во Скопје. Со уметничка работа почнал да се занимава во 1965 година, а во јануари 1966 година, во весникот „Студентски збор“ – Скопје, ја објавил својата прва карикатура.

Оттогаш, па сѐ до денес, црта карикатури, цртежи и стрипови, пишува хуморески, афоризми и есеи за карикатурата, изработува анимирани и цртани филмови и учествува на меѓународни фестивали и симпозиуми на карикатури, изложби на слики, фестивали на карикатури и хумор, како и на фестивали на анимирани филмови. Досега имал четири самостојни, како и сто и дваесет групни изложби во земјата и во странство.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 243, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.8.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот