Финскиот претседател: ЕУ треба да се прошири на 40 членки – Западен Балкан е најжешката точка во Европа
Финскиот претседател Александар Стуб презентираше визија за значително проширена Европска Унија, велејќи дека блокот од 27 членки мора „да размислува надвор од кутијата“ и да го искористи моментот за да ја зајакне својата моќ на светската сцена, пишува Си-ен-би-си.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Зборувајќи вчера на конференцијата за енергетика во Хелсинки, Стуб рече дека ЕУ треба да се стреми да го зголеми бројот на членови на 40 и ги спомена Обединетото Кралство, Канада, Турција, Норвешка и Исланд како потенцијални кандидати за приклучување.
„Мораме да се прошириме на 40 члена“
„Прозорецот на можности за проширување на ЕУ е доста краток затоа што кога ќе заврши војната во Украина и можеби кога ќе се промени американската администрација, не знам, тогаш луѓето ќе ја тргнат ногата од гаста и повторно ќе почнат да се жалат на тривијални работи“ рече Стуб на Самитот за електрична енергија на Европа.
Тој додаде дека „европската стратешка автономија или геополитичка моќ често се базира на големината и досегот, и верувам дека политиката на проширување е најдобрата европска политика во историјата“.
„Во овој момент мора да размислуваме широко и географски, мора да се прошириме или барем да создадеме членства што се доволно флексибилни за да вклучат вкупно 40 европски земји – или дури и неевропски“, рече Стуб.
ЕУ моментално е во процес на најголемо проширување во една генерација, со девет земји кандидатки кои се надеваат дека ќе се приклучат на блокот во текот на наредните години. Црна Гора и Албанија се сметаат за лидери меѓу земјите од Западен Балкан, додека Украина и Молдавија се приближуваат кон отворање на формални преговори за членство.
„Западен Балкан е најжешката точка во Европа“
Финскиот претседател рече дека по Украина, Молдавија и Грузија, „мора сериозно да размислиме за Турција“.
„Никој повеќе не ја споменува Турција и мора да бидеме отворени и да разбереме дека, барем од безбедносна перспектива, Турција мора да биде што е можно поблиску. Потоа одите на југ или југоисток и погледнете го Западен Балкан, мислам дека тоа е најжешката точка во Европа… тоа е исклучително важно. Што ќе правиме со Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија? Што правиме со Босна и Херцеговина?“, додаде тој.
Враќањето на Обединетото Кралство и поканата до Канада
Претседателот на Финска рече дека ЕУ треба да се сврти кон својот западен бок и да го врати Обединетото Кралство, кое го напушти блокот во 2020 година, или барем да го приближи „што е можно поблиску“. Како друга опција, рече Стуб, треба да се разгледа Канада.
„Зар не би било прекрасно Канада да стане 28-ма членка на Европската Унија, а не 51-ва држава на Соединетите Американски Држави?“, вели финскиот претседател.
Трамп, претходно ги изрази своите амбиции да се приклучи кон Канада. Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушнал“ претходно оваа недела, Трамп напиша: „51-ва држава!“, споделувајќи статија на „Блумберг њуз“ за тоа како Канада влегла во технолошка рецесија за првпат од 2020 година.


