Венко Филипче - Претседател на СДСМ - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Венко Филипче, претседател на СДСМ/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Филипче: Не преговараме за фотелји и за позиции, бараме реформи и уставни измени

Откако лидерот на СДСМ Венко Филипче, вчера на прес-конференција, јавно го повика премиерот Христијан Мицкоски заеднички да ги донесат уставните измени и да ја сносат одговорноста со цел чекор напред во евроинтеграциите на државата, во јавноста се наметна прашањето дали првиот социјалдемократ со ваквиот повик му понуди на својот политички опонент формирање на широка влада. Сепак, дилемата брзо беше решена.

– Каква широка влада? Кој зборувал за влада и коалиција? Јасно кажав – поддршка за европските интеграции и реформите. Да влеземе во тендер коалицијата на Мицкоски? Од каде некому му падна на памет таква идеја? Ние не преговараме за фотелји и позиции. Ние зборуваме за иднината на Македонија во Европската Унија. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега – порача Филипче на социјалната мрежа Икс.

Филипче вчера го повика Мицкоски заеднички да ги направат уставните измени за да се внесат Бугарите во Уставот, што е предуслов за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија.

– Го повикувам Христијан Мицкоски и власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа, ќе ја споделиме одговорноста за тој чин, ние како коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Истовремено, имајќи предвид дека, како што била праксата во сите земји — Хрватска, Бугарија и понатаму — кога траеле преговорите, сите партии работеле заедно, сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што, што понатаму ќе се случува во текот на преговорите. Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и така натаму, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес на водење на преговорите – изјави Филипче.

Тој апелираше до власта да не се пропушти моментот, бидејќи државата ризикува да остане настрана и да нема друга шанса.

– Ќе останеме настрана, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од каде да земеме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот. Да ја споделиме сите заеднички одговорноста. Сметам дека се наоѓаме во едно многу критично време и многу важен момент во кој треба да се донесат многу сериозни одлуки – рече Филипче.

Тој му порача на Мицкоски и да не го користи нон-пејперот на германскиот канцелар Фридирх Мерц, како алиби за неисполнување на реформите.

– Денеска видовме уште еден сигнал дека постои волја за проширување во Европската Унија, тоа е нон-пејперот од германскиот канцелар Мерц. Иако има луѓе коишто не се согласуваат со тоа, а тоа е постепено членство, учество во институциите на Европската Унија, и тоа не е дефинитивен документ што е усвоен од Европската Унија и очигледно нема да биде усвоен затоа што има несогласување. Апелирам премиерот Христијан Мицкоски да не го користи овој нон-пејпер како дополнително алиби и изговор да не се направат следните чекори, коишто како што сите укажуваат, не може да бидат променети – рече Филипче.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски смета дека е потребен заеднички став на европските лидери во однос на членството на земјава во ЕУ.

– Нам ни треба еден заеднички став на земјите членки на ЕУ коишто ќе кажат „ова е нашата сегашна понуда“. Ние нема да се налутиме без разлика каква ќе биде таа понуда, доколку таа е искрена. Нас нѐ повредува тоа што понекогаш постојат понуди како фрази, а потоа реализацијата не е искрена. И за нас зачленувањето во ЕУ се претвори во движечка мета – изјави Милошоски.

Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија со кратка средба и остри пораки — Чамова побара уставни измени, Муцунски реагираше за идентитетот

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, пак, вчера пред бугарските пратеници беше децидна – Бугарија нема да дозволи репреговарање на преговарачката рамка за Македонија.

– Европската интеграција на Северна Македонија зависи од спроведувањето на европскиот консензус од јули 2022 година. Бугарија категорично се спротивставува на обидите на Северна Македонија да ги заобиколи или повторно да преговара. Министерството за надворешни работи, преку мрежата на бугарски мисии во странство во земјите членки на ЕУ и во Скопје, вложува активни напори за да спречи какво било повлекување, заобиколување или доведување во прашање на преземените обврски – изјави шефицата на бугарската дипломатија.

Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија со кратка средба и остри пораки — Чамова побара уставни измени, Муцунски реагираше за идентитетот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот