Фил Колинс откри дека е под постојан медицински надзор: „Телото ме предаде“
Англискиот пејач и тапанар Фил Колинс во поткастот „Ерас“ на „Би-би-си“ отворено зборуваше за својата здравствена состојба и откри дека поради сериозни компликации има потреба од постојана, 24-часовна медицинска грижа, пренесува „Њујорк пост“.
Препорачано
Фронтменот и тапанар на групата „Џенезис“ раскажа дека сè уште се соочува со последиците од повредата на ’рбетот од 2007 година, која довела до оштетување на пршлените во горниот дел од вратот и до проблеми со нервите.
„Имам медицинска сестра која е со мене 24 часа на ден за да внимава правилно да ги земам лековите. Имав и сериозни проблеми со коленото“, изјави Колинс, додавајќи: „Сè што можеше да тргне наопаку – тргна наопаку“.
По пет операции на колената, вели дека сега му функционира само едното.
„Можам да одам, но со помош на штаки или нешто слично“, објасни тој.
Колинс откри и дека за време на престој во болница се заразил со корона-вирусот, по што му откажале бубрезите.
„Се чинеше дека сè се случи во исто време“.
Тој призна дека проблемите со бубрезите се последица и на период на прекумерно консумирање алкохол.
„Веројатно сум пиел премногу. Никогаш не бев постојано пијан, иако неколкупати се сопнав и паднав. Сето тоа ме стигна одеднаш и поминав месеци во болница. Последниве години беа тешки, чудни и фрустрирачки, но сега состојбата е стабилна“, искрено раскажа музичарот.
При најавата на прошталната турнеја на „Џенезис“ во 2021 година, Колинс изјави дека поради дегенеративна состојба „едвај може да држи стап со едната рака“.
Во текот на својата кариера, тој освои осум награди „Греми“, меѓу кои и за албум на годината во 1986 година за „No Jacket Required“ и за песна на годината во 1991 за „Another Day in Paradise“.
На прашањето како гледа на својата богата кариера, Колинс кратко одговори:
„Би сакал сè да проживеам уште еднаш“.


