Фицо одби да го разреши Лајчак и покрај притисокот од коалицискиот партнер
Словачкиот премиер Роберт Фицо соопшти дека нема намера да го разреши својот советник и поранешен министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, и покрај силниот притисок од коалицискиот партнер — Словачката народна партија (СНС). Партијата бараше прекин на соработката поради медиумски извештаи за наводна комуникација меѓу Лајчак и осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Препорачано
Фицо одлуката ја објави по враќањето од самитот ЕУ–Африка, истакнувајќи дека целата кореспонденција е детално проверена и дека не е пронајдено ништо сомнително. „Луѓето можат да имаат различни политички мислења за Лајчак, но тој е исклучителен дипломат со богато искуство. Не направил ништо што би барало негово разрешување“, изјави премиерот за словачкиот весник Новини, пренесе Еуроњуз.
Во изминатите денови СНС упорно бараше смена на Лајчак, а нивниот лидер Андреј Данко дури најави бојкот на коалициските состаноци. По изјавата на Фицо, партијата накратко соопшти дека „го зела предвид“ ставот на премиерот.
Лајчак, кој според објавената електронска порака наводно бил во контакт со Епштајн додека ја водел дипломатијата на Словачка (2012–2020), тврдеше дека комуникацијата била „исклучиво социјална“ и јавно ги осуди постапките на Епштајн.
Случајот предизвика нова тензичност во коалицијата, а опозицијата исто така бараше разрешување на Лајчак поради неговата поврзаност со контроверзниот американски финансиер.


