ФФМ ќе бара да се одложи дуелот Македонија – Косово
Владата забрани да присуство на гледачи на натпреварот кој треба да се игра на 26 март, а поради епидемијата на коронавирусот низ цела Европа, каде Италија е најпогодена, од македонската куќа на фудбалот ќе бараат да се одложи натпреварот.
Владата на Р. Македонија на денешната седница донесе забрана сите спортски настани во следните 30 дена да се играат без присуство на публика, а од Фудбалската федерација на Македонија најавија дека ќе бараат да се одложи бараж натпреварот помеѓу Македонија – Косово.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Владата донесе забрана, а не препорака за одигрување на спортски натпревари без публика и тука нема што да се разговара. На сите гледачи кои купиле билети за натпреварот, ќе им бидат вратени парите – вели Златко Андоновски, портпарол на ФФМ.
Андоновски најави дека ФФМ во текот на денот ќе достави барање до УЕФА, натпреварот против Косово да се одложи бидејќи тројца македонски репрезентативци, Горан Пандев (Џенова), Илија Несторовски (Удинезе) и Елиф Елмас (Наполи) настапуваат во Италија, која пак од вчера е под карантин. Исто така ФФМ веќе достави барање за одложување за натпреварот од квалификациите за У21 помеѓу Израел и Македонија кој треба да игра на 31 март во Ашкелон. Претходно на 26 март, двете млади репрезентации ќе играат во Скопје.
– ФФМ во текот на денот ќе упати барање до УЕФА, натпреварот Македонија и Косово да се одложи поради состојбата со коронавирусот низ Европа. Италија од вчера е во карантин, а ние имаме тројца репрезентативци кои играат во Серија А, исто така и репрезентацијата на Косово има играчи кои настапуваат во Италија.
Не знаеме дали ќе им биде дозволено да ја напуштат државата, и затоа очекуваме помош од УЕФА. ФФМ вчера достави барање натпреварот на младата репрезентација од 21 година против Израел да се одложи. Израел има ригорозни правила со кои налага сите државјани кои доаѓаат од високо или средноризични држави да поминат 14 дена во карантин. Сега останува на УЕФА да донесе одлука – вели Андоновски.


