Постерот за фестивалот е изработен врз основа на ново дело на Јане Чаловски

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ ќе биде отворен со групната изложба „Анархични тела“

Овогодишното издание на фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ на 30 мај, во 20:30 часот, во Музејот на современа уметност ќе биде отворен со групната изложба „Анархични тела: согласност да не се биде едно“, курирана од Славчо Димитров.

Во изложбата учествуваат уметниците: Дарко Алексовски, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Христина Иваноска, Јован Јосифовски, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска, Јане Чаловски.

„Наспроти силата на нужноста што го организира доминантниот општествен и политички поредок, оваа изложба предлага да (го) мислиме со телото како анархично – како жива, динамична и мислечка материјалност што не може да се сведе на стабилен идентитет, функција или форма. Наместо индивидуализирано и приватизирано единство, телото овде станува процес: фрагментирано, прекршено, изложено на други тела, технологии и средини, во постојано постанување.

Новосоздадените дела на уметниците го истражуваат токму ова поле на нестабилност. Телото се појавува како релација, како афект, како глич, како линија, како отворена структура што одбива да се затвори во себе. Наместо репрезентација, овие дела нудат апстракции на телесноста – не како оддалечување од телото, туку како негово распрснување во повеќекратни можности на (со)појавување.

Инспирирана од квир, феминистички и деколонијални перспективи, изложбата ја разбира телесноста како нешто што не мора да биде целосно видливо и читливо. Напротив, инсистира на правото на непроѕирност. Во таа смисла, квир перспективата не се јавува само како прашање на идентитет, туку како поетска и политичка сила што ги разградува нормите и класификациите на родот, сексуалноста и телесната кохерентност, отворајќи простор за дивата сила на плотта, за множественост и непредвидливост. За прекрасни импровизации и изведбени експерименти, за реконфигурации на сензибилното, и одбивање на управувањето.

Анархичното тело не е автономен субјект, туку ‘битствување-со’ – отворена резонанца на односи, допири и трансформации. Да се мисли со анархични тела значи да се прифати да бидеме нецелосни, не едно, туку распрснати во кореографиите и еротизмот на бегството“, стои во објаснувањето за изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 30 јуни 2026, а Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ ќе трае до 13 јуни и ќе се одржува во неколку културни институции во Скопје: МСУ – Скопје, МКЦ, Драмски театар, Филм и кафе „Котур“ и „Љубов бар“.

Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – „Викенд на гордоста – Скопје“, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации, туку и нашето телесно искуство.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ е организиран од Коалиција „Маргини“ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центар за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира „Хартефакт Фонд“; како и од Фондацијата „Хајнрих Бол“, Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, Фондацијата „Kvinna till Kvinna“, International Trans Fund, Global Fund for Women и IPPF. Содржината / изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.

Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: „Локомотива“ – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, „Контрапункт“ и КРИК – Фестивал за критичка култура; како и „ТрансФормА“. Медимски партнер е феминистичката платформа „Медуза“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот