Фестивалот „Про-за Балкан“ му ја врачи наградата „Прозарт“ на словенечкиот писател Драго Јанчар

Драго Јанчар и Ермис Лафазановски

Писателот Драго Јанчар на 19 септември во Даутпашиниот амам ја прими наградата „Прозарт“ од претседателот на Одборот за доделување на наградата, Ермис Лафазановски.

– Ние му пркосиме на историското време и ја исмеваме човечката комедија или сочувствуваме со човечката трагедија, но истовремено знаеме дека не можеме да промениме нешто суштинско. А сепак, продолжуваме да пишуваме, бидејќи така сака нашата желба за опишување. И понекогаш му помага на некој читател, нема да речам да живее, туку да ги разбере човечката страст, тага, радост и заблуда – рече словенечкиот писател Драго Јанчар во своето обраќање по повод врачувањето на наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“.

Обраќајќи им се на членовите на жирито, преведувачите на неговите книги, пријателите и читателите на неговите книги на македонски јазик, Јанчар додаде дека ова признание му е особено при срце, бидејќи, во добро и лошо, голем дел од неговиот живот е поврзан со балканскиот дел од Европа.

– Оваа награда особено ми е драга. Не затоа што е за уметност на прозата, воопшто литературна уметност, центарот на сѐ што правам и што ме интересира, бидејќи со балканскиот дел од Европа е поврзан голем дел од мојот живот, и во добро и во лошо. Благодарам за неа – дополни тој.

Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори. Во Даутпашиниот амам, заедно со Јанчар, читаа писателите: Снежана Младеновска-Анѓелков, Тарик Туфан, Владимир Левчев, Ренато Баретиќ, Даница Вукиќевиќ и Слободан Шијан. Сите имаа можност да се дружат во изминатите три дена заедно со членовите на програмата „Скопје фелоушип“.

Фестивалот го затвори неговиот основач, Дејан Трајкоски, кој им се заблагодари на сите гости и на тимот со којшто континуирано работат 11 години.

– Се надевам дека фестивалот и оваа година беше како во песната на Радован Павловски: Подајте ми триножно столче / Во просторот да седнам / И сè што ве боли речете ми / Со метафора ќе го искамшикувам – цитираше Трајкоски.

Дејан Трајкоски

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 20 септември, во 20 часот во Кинотеката во Скопје ќе биде прикажан култниот филм од 1980 година „Кој тоа таму пее“ на Слободан Шијан, кој е гостин на „Про-за Балкан“. Во рамките на настанот предвидена е сесија со прашања и одговори и разговор меѓу Слободан Шијан и Александар Прокопиев, уметничкиот директор на фестивалот.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година беше дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“, се реализираше во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Учесниците на програмата „Скопје фелоушип“ имаа можност да се информираат за Конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни дела од македонската книжевност на странски јазици. На средбата со д-р Билјана Туџаровска-Ќупева, раководителка на секторот за издавачка дејност, издавачите и книжевни агенти од Италија, Франција, Шпанија, Германија и Словенија можеа да дознаат повеќе за условите за превод на наши современи изданија на светските јазици. Тие, исто така, имаа средба со претставници од издавачките куќи „Чудна шума“ и „Гаврош“ од Скопје.

Организатор на фестивалот „Про-за Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи се Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Европска Унија, Амбасадата на Словенија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Кинотеката, Националната галерија, „Спона“, Бовин и Умно.мк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот