Проекција во киното „Фросина“ / Фотографија: Димитар Апостолов

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ награди филмови што им даваат универзална димензија на локалните теми

Во осум фестивалски денови (3-10 декември), Фестивалот на европски филм „Синедејс“ прикажа повеќе од 50 европски наслови, имаше две концертни вечери, како и над 3.000 присутна публика, а на последната вечер беа доделени и наградите во две програми.

Со многу неизвесност и очекување, пред полна сала, а меѓу публиката и дел од директните учесници на наградените филмови, на 10 декември се одржа церемонијата на доделување на наградите на 24. „Синедејс“.

„Нашата одлука не беше лесна и би сакал да ја изразам нашата благодарност до сите неверојатни филмски режисери чии дела имавме чест да ги гледаме. Секој филм носи силен авторски глас и се занимава со локални теми, давајќи им универзална димензија, отворајќи го нашиот регион за поширока публика. Заедно, тие се осврнуваат на безвременски прашања, какви што се слободата, полнолетството, борбата за егзистенција и правото на слободно говорење и избор“, изјави Арсен Оремовиќ во име на двете жири-комисии што имаа задача да оценуваат филмови во програмата ЈИЕ и во Официјалната конкуренција.

Наградата за најдобар филм во официјалната конкуренција ја доби „Југо Флорида“ на режисерот Владимир Тагиќ. „Југо Флорида“ е реалистичен филм што тивко бара зрно надеж во сивиот секојдневен живот. Гради свет што понекогаш се чини дека постои на границата помеѓу сонот и реалноста – без потреба да ги раздвојува двата – оставајќи суптилна трага од апсурден хумор низ целиот филм. Оваа фино балансирана двосмисленост, во комбинација со ненаметнат реализам, му дава на филмот сила и автентичност. Во официјалната компетиција Специјално признание доби актерот Андрија Кузмановиќ за неговата извонредна изведба во „Југо Флорида“.

„Југо Флорида“ на режисерот Владимир Тагиќ

Награда за најдобро сценарио доби „Вена“ од Кјара Флајшхакер, бидејќи сценариото нуди интимен и емпатичен приказ на патот на една млада жена кон мајчинството, градејќи силно чувство на блискост со хероината без да се лизне во сентименталност. Внатрешната борба помеѓу мајчинството и зависноста е обликувана со јасност, вистинитост и болка. Неговите природни и економични дијалози носат голем дел од емоционалната тежина и ја потврдуваат силата на сценариото.

Награда за најдобра режија доби „Проблематични девојки“ на Уршка Џукиќ, затоа што режијата – особено во однос на кадрирањето и монтажата – го конструира светот на младата хероина преку економични, но јасно промислени, доследни и прецизни избори. Филмот го следи будењето на нејзината сексуалност во контекст на строго мајчинско воспитување и црковна средина. Неговиот изразен поетски пристап, кој се граничи со експерименталното, создава впечаток на мистерија и елеганција.

Во програмата ЈИЕ наградата „Златно сонце“ за најдобар филм е доделена на две остварувања: „Ера“ на Петра Келменди и „Оче наш“ од Горан Станковиќ.

„Ера“ на Петра Келменди

Во образложението за „Ера“ стои дека филмот зборува за украдената младост на почетокот на војната во Косово, тема што ретко се обработува, иако во текот на 90-тите години доживеавме многу настани од ваков вид, период на растечка тензија и човечка пропаст. Ретко претставена во регионалната кинематографија, ова е доста предизвикувачка задача за режисер-дебитант. Со минималистички дијалог и прецизен режисерски пристап, таа покренува и одговара на многу дилеми. Како што вели протагонистката: „Никогаш не бев доволно храбра да заминам“. Келменди беше доволно храбра да ја донесе оваа сложена тема на големото платно.

Наградата на „Оче наш“ му е доделена затоа што ги поместува границите на балканскиот филм, а со тоа и регионалната кинематографија ја поставува на повисоко ниво. Од Дантеовиот почеток до целосно развиените ликови, филмот ја одразува зрелоста на Станковиќ како режисер. Симболите во неговиот режисерски пристап се добро интегрирани и никогаш не се преклопуваат со флертување со стереотипи. Тој го доведува во прашање авторитетот и дисфункцијата на системот што им овозможува на поединци да ја злоупотребуваат ранливоста на оние на кои им е потребна помош. Станковиќ храбро нè води до самиот крај, никогаш не напуштајќи ја својата симболика сè до последната сцена. Филмот на крајот прашува: колку вреди една личност во таков систем и дали преживувањето е поврзано со припадноста на група од иста ориентација?, стои во образложението.

„Оче наш“ од Горан Станковиќ

Специјално признание од жирито доби филмот „Месо“ од Димитрис Накос, кој е храбро патување во едно грчко село и низ менталитетот на една мала средина лесно обликувана од лажни проценки, погрешни толкувања и брутален воајеризам. Тоа е длабока драма со сложени ликови, кои режисерот ги води низ приказната со голема вештина.

За добитниците на наградите од Официјалната конкуренција одлучуваше жири-комисијата во состав: Сара Климоска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер, Словенија. За филмовите во ЈИЕ-конкуренцијата тричлената комисија беше во состав: Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора.

Денсинг-салата во МКЦ беше приспособена за кинопроекции / Фотографија: Димитар Апостолов

Фестивалот во најголем дел беше поддржан од Агенцијата за филм, од Град Скопје, од програмата „Лајвјуроп“ за музичкиот дел, како и од програмата „Јуропиан филм фестивалс“, поддржана од „Креативна Европа“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 311, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот