Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ ќе се претстави во Темишвар
Претставници на „Зрно“, единствениот фестивал на алтернативна фотографија во регионов, на почетокот на април ќе престојуваат на работна посета на братскиот фестивал „Аналогманија“, во склоп на манифестацијата „Темишвар – Европска престолнина на културата 2023“.
Препорачано
На „Аналогманија“ ќе патуваат Викторија Мачковска и Сашо Алушевски. Тие ќе присуствуваат на „Мит енд микс“ – работна средба на Светската асоцијација на аналогни фотографски фестивали, иницирана од „Зрно“ во 2022 година.
Сашо Алушевски, пионерот на алтернативната фотографија кај нас, покрај тоа ќе се претстави со оригиналните фотографии на стакло од циклусот „Метаморфози“, кои до сега не биле изложени во оригинал, а ќе има можност да креира и свои дела во Темишвар, со огромна, мобилна камера опскура, наречена „културна амбуланта“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)


