Фестивалот „Браќа Манаки“ го врати сјајот на Битола, но отвори и многу прашања

Фото: Васка М. Младеновска

Иако Битола во последно време, особено ова топло лето, кога во градот под Пелистер дојдоа повеќе од 25.000 иселеници и кога во ноќен клуб и летни отворени музички сцени гостуваа познати музички ѕвезди од регионот: Марија Шерифовиќ, Северина, Јелена Розга, Тони Цетински и други, не може да се пожали на забавниот живот, сепак, во деновите пред и во текот на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ живее со некој посебен шарм и во свој филм.

Битола, иако ја нема репутацијата на Кан, Берлин, Венеција, сепак, е високо мапирана на светската карта на филмските фестивали.

Фестивалот „Браќа Манаки“ се стекна со големо реноме и е надалеку познат. Оттаму, од година в година сè поголем е бројот на филмски работници и гости, вљубеници во филмската уметност, кои овие денови престојуваат во Битола.

Градот под Пелистер живее во својата филмска приказна.

Локалната самоуправа заедно со своите комунални претријатија направија сè Битола да биде „изгланцана“ и „светната“ како никогаш досега.

Овие денови најмногу „тријат“ раце сопствениците на хотелите, угостителските објекти, кафулињата, рестораните, бутиците, салоните за убавина…

Според изјавите на директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски, во текот на одржувањето на „Браќа Манаки“ во Битола ќе бидат присутни повеќе од 400 филмски работници од кои преку 160 се од странство.

За време на фестивалските денови, според пресметките на Дамевски, Битола ќе заработи многу повеќе отколку што издвои за одржување на фестивалот.

За колку пари станува збор, првиот човек на фестивалот не кажа. Но, единствено што се знае е дека локалната самоуправа за одржување на фестивалот од својот буџет издвои 3 милиони денари.

– Еден куп луѓе ја откриваат Битола, го откриваат Пелистер, во меѓувреме, закажуваат за на масажа во градот, па прашуваат каде имало, што имало. Ние не можеме да им понудиме синџир на хотели како „Хилтон“ и „Мериот“, но ги букиравме сите помали хотели. Но, Битола дава нешто што не може да се најде на друго место – егзотика, срдечното гостопримство и кафето на Широк сокак – велат организаторите.

Во Битола веќе одамна нема слободни хотелски соби за овие денови, од причина што тие се одамна закупени.

Никој деновиве не прашува колку чини собата во Битола. Закупени се бројни слободни соби кои се издаваат како станови и апартмани. Во градот буквално нема ниту една празна соба.

Поради генералното реновирање на хотелот „Епинал“ во центарот на Битола, во голема мера намалени се капацитетите во хотелите за сместување на гостите.

Овој проблем со сместувањето на гостите дополнително го отвори прашањето за изградба не само на еден туку на повеќе хотели во Битола со поголем број соби и легла.

Но, за овој проблем битолчани размислуваат само кога се одржуваат вакви големи настани или спортски натпревари.

Деновиве, во Битола раце тријат, но, и маки мачат и угостителските работници, особено во центарот на градот, на Широк сокак кои имаат навалици од гости, но кои поради ограничениот број на места, не можат истите да ги сместат, а деновиве сè поочигледен е проблемот од недостиг на келнери во речиси сите угостителски објекти, ресторани или кафулиња.

Поради недостиг на персонал, деновиве напомош се повикани сите келнери кои некогаш работеле во угостителството.

Пребукирани се и салоните за убавина, фризерските и шминкерските салони, кои не можат да стигнат да ги услужат сите муштерии, па ги враќаат, иако истите се подготевни да платат дури и по неколку илјади денари за фризура.

Да не зборуваме за такси возачите кои не можат да одговорат на сите повици и затоа за едно слободно такси возило се чека дури и по 40 минути.

За време на филмскиот фестивал раздвижено е и во Старата битолска чаршија.

Затоа, според битолчани, крајно време е Битола далеку поорганизирно да му се посвети на Фестивалот и да издвојува далеку поголеми средства не само за негова промоција, туку и за зголемувањето на сместувачките капацитети.

Инаку, и концептот на Манаки офф програмата е гостите да се чувствуваат убаво во Битола и да се направи едно позврзување и едно задоволство кое ќе трае до наредното издание на фестивалот.

Програмата го поврзува филмскиот фестивал со граѓанскиот сектор, локалната заедница, со бизнис заедницата и со уметниците, обезбедувајќи една интерсекторска соработка.

ГАЛЕРИЈА Со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ отворен филмскиот фестивал ,,Браќа Манаки”

ГАЛЕРИЈА Бројни актери, политичари и филмски уметници на црвениот тепих на ,,Браќа Манаки”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот