ГАЛЕРИЈА Со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ отворен филмскиот фестивал ,,Браќа Манаки”

Под мотото „Прекрасното непознато“ и проекцијата на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски и врачувањето на престижните награди, вечерва во Битола свечено беше отворено 44 издание на Интернационалниот филмски фестивал ,,Браќа Манаки”.

Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа му ја врачи наградата на добитникот на Златна камера 300 за животно дело, оскаровецот Питер Бижу.

-Овој фестивал, ги негува вредностите на врвната визуелна уметност и е чувар на споменот на љубопитните браќа Манаки, на кои дотогаш непознатото им било голем предизвик. Тој предизвик не донесе до прекрасното во непознатото. Браќата Манаки беа први на Балканот но и меѓу првите сниматели во Европа. Македонската кинематографија им ја должи сета почит. Оттаму радува ентузијазмот, страста, фестивалот од година во година и децении да ја надоградува љубовта кон добриот кадар и затоа ја заслужува сета почит- рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.


Добитникот на Златната камера 300 Питер Бижу по добивањето на наградата се заблагодари за поддршката.

– Благодарам! Многу сум среќен што сум тука во Македонија и што сум добитник на ова прекрасно признание на браќата Манаки- рече оскаровецот Бижу.

На актерката Лабина Митевска и беше врачена наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм.

-Битола е дел од моето срце. Македонија има што да понуди во светската кинеметографија .Имаме одлични автори, добри приказни, прекрасни локации. Да се создаде врвно дело потребни се два предуслови, да ги сакаме нашите автори и истите да ги цениме. Уметноста веќе не е привилегија. Таа е потреба, потреба на секој од нас, како што е потребен воздухот и водата. Вториот услов е континуитетот. Без континуитет не можеме да создадеме врвна уметност. Не треба да бидеме ставани во ситуација да размислуваме дали ќе имаме средства да снимиме еден, два, или ниеден филм, рече добитничката на признанието Големата ѕвезда на македонскиот филм Лабина Митевска.

На филмскиот фестивал во Битола, публиката ќе има можност да проследи извонредна филмска програма со 79 филмови во три киносали.

Оваа година кога технологијата забрзано оди напред организаторите направија селекција на филмови во кои човекот ќе биде доминантен и фокусот на филмското платно и оттука предност им се даде на филмови што не се оптоварени со технологија.

Музички сценски перформанс на свеченото отворање на ,,Браќа Манаки”.

Текст и фото Васка М. Младеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот