Фестивалот БЕАМ е можност да се добие награда што ќе значи бесмртност за настанот

За првпат во Македонија ќе се организира Фестивал на најдобрите настани за годината што изминала – БЕАМ (Best of event awards Macedonia), иницијативата и организацијата се на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП, а пријавувањето на проектите е во тек.
Фестивалот БЕАМ има за цел да им оддаде признание на креативните идеи и настани, но и да се потенцира и да се поттикне важноста на настаните во маркетинг плановите на клиентите и компаниите. БЕАМ ја слави креативноста, уникатноста, иновативноста, вредната и напорна работа на сите актери во индустријата за организација на настани.
– Целта на БЕАМ е мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците во ивент индустријата. Овој фестивал е шанса за втор живот на нашите настани, да ја раскажеме приказната и да ги афирмираме сите што биле дел од некој настан. Наградата, пак, ќе значи бесмртност за тој настан. Сметаме дека и клиентите и организаторите, како и креативната енергија и буџетите што ги вложиле заслужуваат ваква валоризација – истакнуваат организаторите на БЕАМ.
Најдобрите настани ќе се избираат во 15 категории, а ќе ги оценува жири-комисија составена од искусни и докажани професионалци во различни сектори од креативните индустрии.

Во составот на комисијата се Ана Зафирова, фриленс-новинарка и експертка по комуникации; Анета Андонова, одговорен уредник на Прв програмски сервис – МРТ 1; Анета Антова Пешева, косопственик и директор на „Ултра/Унет“ ДОО Скопје, претседател на МАСИТ – Комора на ИК-технологии, почесен конзул на Канада во РС Македонија; Билјана Колемишевска, маркетинг, комуникации и ПР во „М-Кар“ Македонија; Борис Ефтимовски, oсновач на „Маркетинг 365“; Ванчо Богоев, дипломиран продуцент, МКЦ; Вардан Тозија, филмски и ТВ режисер; Виолета Симјановска, шеф на одделот за менаџмент во културата на Академијата „Сибелиус“, UNIARTS, Финска; Дејан Пројковски, театарски режисер; Душан Марковиќ, корпоративен маркетинг и ПР-директор – „Малиќи груп“; Емилија Зографска, експерт за корпоративни комуникации во „А1 Македонија“; Златко Панков, основач на „Панекс“, Ива Дујак, главен оперативен директор во „Brand Union“, Коста Петров, основач и извршен директор на „Пи ворлд“; Љупчо Јолевски, новинар; Марта Наумовска Грнарова, генерален менаџер на „Завар“; Милчо Александоров, дизајнер на светло; Мите Димовски, артист, композитор и музички продуцент; и Рисима Рисимкин, кореограф, уметнички директор на „Танц фест Скопје“ и Скопје танцов театар, декан на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Фестивалот е основан на иницијатива и во организација на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП, а настаните ќе се одбираат во 15 категории. За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување на апликација, која може да се најде на интернет-страницата на БЕАМ (www.beamfestival.mk).
Пријавувањето трае до 20 февруари 2023 година, со можност за рана пријава до 3 февруари. Доделувањето на наградите ќе биде на свечена гала-церемонија кон средината на март.
– Очекуваме голем број пријави во сите категории, имавме убава и плодна година со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа што гарантира непристрасно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и заради тоа очекуваме да победат најдобрите – изјавија од фестивалот БЕАМ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 164, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 јануари 2023)